Рецензија: Концерт на FAME’S – европски изведувачки институт на „Охридско лето“ и уметницата Ирина Мурешану

Програмските тенденции на фестивалот „Охридско лето“ во музичкиот дел, последниве години, се стремат кон презентација на уметнички поставки, содржински занимливи за широк слушателски аудиториум. Концертната вечер на гудачкиот оркестар составен од млади музичари од повеќе европски земји – образовно – уметничка платформа и дел од активностите на европскиот изведувачки институт FAME’S, беше замислен како своевидно музичко патување низ творештвото на низа истакнати современи композитори од сите континенти и познати вонвременски класици. Проектот, инаку дел од програмата за Пан-европски културни ентитети, поддржан од Европската Унија, претставува одлична можност младите уметници едукациски да се усовршат, преку непроценливо вредна соработка со еминентната романско-американска виолинистка Ирина Мурешану, ама и привилегија да настапат на таква престижна интернационална сцена, како фестивалот „Охридско лето“. После седумдневна, интензивна подготовка во Скопје, гудачкиот оркестар и солистката Мурешану, во исполнетата црква Св. Софија приредија мошне интересен концерт.


Ирена Мурешану е извонредна виолинистка и педагог со етаблирана кариера, диригент и уметнички раководител на овој оркестар. Таа низ куси осврти, пред публиката ја претстави идејата и симболиката на проектот: преку изведба на дела со различен стилски и жанровски профил и интернационална структура на членовите во ансамблот, да се промовира диверзитетот и богатството на европските културни вредности. За таа цел младите уметници и нивната професорка, одбраа густа и „шарена“ програма.


Беше тоа една сложена ревија од контрастни пиеси и разновидни ансамблови формации (квартети, виолини, солист, гудачи) нималку едноставна задача за толку млади и неискусни музичари, што сеуште се во фаза на образовен процес. Св. Софија се исполни со вистински спектар од звуци, бои, жанрови, фолклор и силна енергија.


Сосем очекувано е што во некои сегменти, нивото на изведбата се движеше во рамките на училишен концерт (шпанскиот танц од Де Фаља, „Најдолгиот котур“ од Флин). Сепак се тоа особено млади ученици што со видлива трема се втурнаа во сериозниот концерт. Но, преовлада впечатокот за еден цврсто организиран оркестарски ансамбл што кон секоја сугестивна мимика на професорката Муршеану бистро реагира, во чекор ја следи и создава уметничка креација што ги надминува нивните очекувања по достигнатиот квалитет. Освен тоа, одлична можност за публиката во Св. Софија беше, да слушне композиции – одблесоци на фолклорни специфики од сите меридијани.


Првенствено тука мислиме на “Funebre” од иранскиот композитор Реза Вали, „Дабке“ од сирискиот композитор Карим Рустом и „Пицикато за гудачи“ од младата канадска композиторка од кинеско потекло Вивиен Фунг. За публиката, тоа беше ретка прилика да слушнат дел од твораштвата на овие композитори, за кои заедничко е дека творат и делуваат во САД. Тие се високо признаени како автори, а ги изведуваат бројни артисти и од двете страни на Атланикот. Во формација гудачки квартет, гудачки оркестар и проф. Мурешану како диригент, доловија таговна, посмртна атмосфера во пиесата “Funebre” што авторот ја посветил на татко си. Во „Дабке“ латентно провеаја арапскиот мелос и ритмика, а во композицијата „Пицикато“ звуците на традиционалните кинески инструменти, оркестрантите вешто ги доловија преку еден уникатен спој на пентатонични мелодии, пицикато техника и третман на виолината како ударен инструмент. Сите композиции музичарите ги изведуваа емотивно, со нескриен младешки ентузијазам.


Сепак највпечатливи точки на концертот беа изведбите на Бах и Динику. Чаконата во d-moll, ремек-делото за соло виолина, овојпат ја слушнавме во аранжман на австралискиот композитор Пол Сарчич. Ирина Муршеану свири со силна, уверлива агогика, беспрекорна техничка и интонативна стабилност, вклопува лична, нагласена жестина во пунктираниот ритам и го доловува го совршенството на Баховата барокна варијациона техника. Секогаш е одлично естетско доживување да проструи енергијата на Бах под сводовите на црквата, особено во презентација на силен уметник. Наспроти тоа – „Хора Мартисоролуи“ рефлексија од светот на самоуките Роми – виолинисти на Григораш Динику, виолинскиот виртуоз и истакнат романски композитор од ромско потекло. Тоа беше одлична прилика да се слушне динамичниот, импулсивен фолклорен набој на романскиот фолклор, во изворна изведба од врвен уметник како Ирина Мурешану. При тоа вешто водени од неа, младите виолинисти следејќи ја, постигнаа раскошен и полн виолински звук во унисон што звучниот простор на Св. Софија го исполни со раскошна ведрина.


Во завршниот дел на концертот ги слушнавме уште „есен“ од Годишните времиња на Пјацола, „пролет“ од американскиот виолинист, композитор, но и “fiddler”, како и „Капричото“ за гудачи од Драган Шуплевски на бис. Вистински огномет сочинет од танго, американско „кантри“ и македонска ритмика!


Без двојба, ѕвезда на вечерта беше харизматичната виолинистка Ирина Муршеану. Таа на сцената покажа енергија на несебично давање, во сопствената интерпретација, во улогата на педантен диригент и над сè во силната мотивација насочена кон младите членови на ансамблот. Зашто нема подобар начин да се поткрене интерпретативната зрелост на млад инструменталист (покрај наставниот процес) од тоа да се свири и настапува заедно на сцена, да се сподели радоста од заедничкиот успех на крајот од концертот. Ирина Мушеану ја извршува таа благородна мисија со нескриено задоволство. И точно тој видлив контраст на врвен солист и млади, несикусни музичари што делат ист подиум му даде на овој концерт нагласена доза на допадливост и шарм.


Со претстојниот настап на FAME’S оркестарот и Ирина Мурешану во Букурешт, Романија, младите уметници “Strings around the world” ја продолжуваат идејата за европскиот мултикултурализам.


Викица Костоска Пенева – музиколог