Концерт на Трио „Инвентио“ од Италија на „Охридско лето“- Префинет виолински звук

Настапот на италијанското трио „Инвентио“, за публиката на „Охридско лето“ беше прилика да слушне одличен камерен состав, што како формација ретко се сретнува на концертните подиуми. Јулија Беринскаја, Валентина Данелон (прва и втора виолина) и Анна Серова (виола) го сочинуваат триото „Инвентио“. Ансамблот делува првенствено во Италија, настапува низ целиот свет и со уметничката дејност надминува некои актуелни политички и национални бариери (уметниците се од Русија, Италија и Украина). Концертите им се осмислени како презентација на дуо виолини и трио со виола.

Исклучително жешката охридска вечер, не беше пречка искусните уметници професионално да се претстават со квалитетна и обемна програма. За вљубениците во префинет избор од музичкото творештво за гудачки ансамбли, привилегија беше да се слушнат две оригинално напишани пиеси за трио: две виолини и виола. Зашто во историјата на класичната музика ретки се ваквите дела, посебно од познатите композитори. Тоа беа „Терцето“ оп.74 во Це-дур од Антонин Дворжак и Триото оп. 21 во Це-дур од Сергеј Танејев. Дворжаковото „Терцето“, несомнено е најпозната композиција за овој камерен состав. Трио „Инвентио“ го изведе со една умешно дозирана агогика, елегантно истакнувајќи ги „широките“ романтични теми во првиот став Allegro ma non tropo, и вториот Larghetto, додека во третиот Scherco, доста енергично и со понагласена forte динамика го слушнавме „познатиот“ Дворжак и неговата автентична фасцинираност со американскиот звук и „новиот свет“. Посебно возбудливо и екстровертно уметниците го изведоа завршниот став Тема со варијации, со успешна тенденција да извлечат помоќен звучен волумен, на места до степен на симфонизам од својот „микро“ апарат. Јулија Беринскаја е несомнено врвен музичар со цврсто поставен виртуозитет и техника, изданок од перфекционизмот на московската виолинска школа. Валентина Данелон и Анна Серова одлично кореспондираат во сите слоеви на изведбата со интерпретацискиот концепт што таа како водач на ансамблот ненаметливо го поставува.

Средишниот дел од концертот беше посветен на ненадминливата возвишеност на Бах. Двогласните и тригласните инвенции, во основа инструктивни пиеси за пијано, во изведба на „Инвентио“ – Триото, ги слушнавме во доминантна legato артикулација, сепак неотстапувајќи од строгоста на барокниот пулс, беше тоа потсетување на универзалниот јазик на Баховото мајсторство во компонирањето. И во двогласните и во тригласните „микрокосмоси“ уметниците покажаа завидно ниво при креирањето на полифоната структура.

Јулија Беринскаја и Валентина Данелон – дуо виолини во стилот на ефектно интeрмецо, ја изведоа композицијата „Дуо кончертанте“ – виртуозна пиеса од белгискиот виолинист Шарл де Берио. Уметниците свиреа одлично усогласени потенцирајќи ја типично виолинската бравурозност во пиесата, со интонативно прецизни бистри пасажи и романтичарска драматика. Вибратото им е изедначено, ненападно што придонесува во обликувањето на богат виолински тон.

Посебен куриозитет, воедно и најекпресивна изведба на концертот беше да се слушне Триото во Це-дур (1907) од мајсторот на контрапунктот во епохата на доцниот руски романтизам Сергеј Танејев. Со јасна динамика и рафинирано чувство во водењето на мелодиските фрази, вклопени во полифонијата на Танејев, уметниците од „Инвентио“ нескриено покажаа афинитет кон естетиката на помалку заборавениот композитор, современик, ученик и пријател на Чајковски. Со силна експресија и емоција трите уметниците го изведоа третиот став Andante истакнувајќи истенчена мерка во креирањето на слободниот ритам, мелодиските фрази и задржаните паузи.

„Инвентио“ е ансамбл во кој сите три уметници Беринскаја, Данелон (патем поранешна студентка на Беринскаја) и Серова, имаат изразит личен интерпретациски персоналитет, што со дискретна, до понагласена доминација на Јулија Беринскаја го артикулираат во складен звуковен баланс. Низ него провејува изедначен вкус при естетското обликување на стилистиката во композициите. 

Беше тоа уште една богата концертна вечер на „Охридско лето“. Љубителите на камерната музика за гудачи, уживаа во одличен перформас.

Викица Костоска Пенева – музиколог