Дино Имери – Блесок на концертниот подиум во Св. Софија

Современата пијанистичка уметност во Македонија бележи значаен подем во дваесет и првиот век. Низа млади уметници се достоен репрезент на нашата култура на интернационалните подиуми. Меѓу нив, веќе е сосем извесно, името на Дино Имери е запишано со златни букви. Дино Имери е комплетен музичар што од најмала возраст цврсто гради концертна кариера како извонреден пијанист. Величината на неговата уметничка појава покрај пијанистичката вештина, во себе инкорпорира комплексна содржина: темелна ерудиција во сферите на музичките теориски науки и афинитет кон џезот, популарните жанрови и богатсвото на фолклорот. Сето тоа прави, концертните настапи со класична пијанистичка програма да бидат врвно естетско доживување за почитувачите на неговата уметност.

Токму таков естетски чин беше целовечерниот рецитал на Дино Имери на годинешново „Охридско лето“. Со сиот респект кон уметниците што заради актуелни терндови и лични причини програмата ја конципираат со какви и да е експериментални содржини, да се отсвири концерт со дела од „железниот“ класичен репертоар, во сферата на пијанистичката репродуктива се уште претставува најтешка задача. Кога се пред вас партитурите на Шопеновите Балада бр. 1 оп. 23 во ге-мол и Полонеза оп. 53 во Ас-дур, вие знаете дека и на музички најнеукиот слушател во публиката херојската тема му е позната. Патем илјадници ја отсвиреле пред вас. Одговорноста е огромна. По кој знае кој пат, пред публиката треба да се даде свое толкување на ултра-популарните дела од Шопен. При тоа да му се одолее на невкусот и честослушаната патетичност што како опасност демне во романтичните фрази.

Дино Имери умешно ги одбегнува сите поставени замки во овие толку познати композиции. Тој има јасно обликувана музичка мисла артикулирана преку моќна клавирска техника. 

Првата Баладата од Фридерик Шопен е едно од технички најсложените творби на авторот. Комплексната фактура и слободната форма што  обединува сонатни и варијациони принципи се во совршена рамнотежа со автентичната мелодика над богата хармонска основа. Дино Имери педантно го толкува нотиот текст. Одбира умерено темпо што му овозможува комотно да си ја „искаже“ креативноста. Орнаментиката ја толкува едноставно, со вкус. А трагањето на вербален начин да се транспонира тонската слика што успева да ја извлече од клавишите е бесцелно. Едноставно тоа треба да се доживее.

Впечатливо беше да се забележи разноликоста во повеќекратното изложување на материјалот од првата тема во Полонезата. Од изразито staccato на почетокот до звучно зајкнување и побогата педализација во секоја наредна појава. „Октавната“ репетитивна фактура во левата рака ја изведе со елегантна лежерност, донесувајќи ја композицијата до кулминативниот врв, неусилено, во култивирано fortissimo. Во двете Шопенови композиции Дино Имери мајсторски ги извлече оркестарските бои и пластови од клавирскиот корпус. Тоа е негова силна страна што несомнено треба да ја негува и фаворизира во зрелата уметничка фаза што му претстои.

Од аспект на програмската замисла за концертот пак, совршен контрапукт на Шопеновите (слободно можеме да кажеме) популарни класици, беше Рахмањиновата Соната бр. 1 оп. 28 во де-мол – едно од најмалку изведуваните дела на пијанистичкиот великан.

Без оглед дали Дино тоа го направил смислено или интуитивно поставеностна на двете рециталски целини обликува идеален баланс. Зашто тој целосно „расвирен“ и опуштен преку Шопен можеше да се нурне во филозофијата на Рахмањинов и да ни ја покаже длабоката страна на својот интелектуален капацитет. Оваа Соната на Рахмањиноф (создадена во „дрезденската“ фаза од творештвото 1908) претставува показ како од лапидарен, економичен мотивски материјал се создаваат хармонско-формотворни разработки со колосални размери. Посегнување до крајни граници да се извлече симфонискиот потенцијал на пијаното. За секој солист исклучително тешка задача. Токму тука Дино Имери покажува потполна проникливост и издржливост. Рахмањиноф е неговиот фах.

Кристално профилирани брзи пасажи во дискантот, на моменти ѕвонливо тонски обоени. Наспроти тоа, басова акродска фактура со сонорна длабочина. Рахмањиноф е маестро во обликувањето полифони слоеви. Дино Имери успева да ви ги долови и најскриените гласови произлезени од хармонскиот комплекс. Неуморен во претставувањето на бројните теми во првиот и посебно третиот став (девет теми) и рафинирано поетичен во вториот став, Дино Имери со непограшлива концентрација дава сопставен приказ на оваа сонатна структура со импознтни размери. Можете целосно да се препуштите во возвишениот креативен миг. Зашто тој дарежливо ви ја покажува Рахмањиновата линеарна и вертикална музичка логика што тече низ времето и ве наведува да се запрашате за лимитите на човечкиот умствен, но и духовен капацитет.  

Но тоа не беше сé. Брилијантниот encore како уште еден мини-рецитал ни ја претстави екстровертната страна на Дино Имери: Парафразата-Варијации на тема „Кармен“ (Бизе) – преработка од Владимир Хоровиц беше вистински блесок на концертот (кон тоа како куриозитет тој во голема мера ја реинтерпретира оваа вратоломна нумера, по слух, слушајќи ја изведбата на Хоровиц) „Минутниот“ Шопенов Валцер оп. 64 бр. 1 во Дес-дур со бисерни пасажи и скриени внатрешни теми и за крај сонливо и грациозно, „девојките“ од Федерико Момпу (“Jeunes filles au jardins”) (каталонскиот композитор со француско потекло – наследник на импресионизмот на Дебиси) покажувајќи го во неговиот по малку срамежлив манир, афинитетот за “sweet jazz”! Очекувано, силна реакција кај публиката во Св. Софија што со долги стоечки овации ја покажа импресијата од концертот.

Дино Имери на сцената емитува смирен и елегантен темпрамент. Всушност благороднички. Пијанистичката бравура, што кај него е доведена до степен на висок перфекционизам, нема ни трунка вулгарност. Тој ја покажува одмерено со рафиниран вкус. Достојно за восхит е да се следи со каква умешност ги обликува динамичките градации создавајќи кулминативни точки со вулканска моќност.

И најчувствителниот слух и најострото критичко перо се разоружени пред неоспорноста на оваа уметничка творевина.

Викица Костоска Пенева – музиколог