Грчка вечер на „Охридско лето“ со извонредниот квартет „Емилиос Риадис“

Публиката на фестивалот „Охридско лето“ вчера уживаше во класичната музика изведена од грчкиот гудачки квартет „Емилиос Риадис“. Во црквата „Света Софија“ настапија виолинистите Андреас Папаниколау и Јоргос Кујумцоглу, Александра Волтси на виола и Лила Манола на виолончело.

Во првиот дел од репертоарот, уметниците изведоа дела од грчки композитори, а во вториот дел го отсвирија  „Гудачкиот квартет“ опус 80 во f-moll од композиторот Фридрих Менделсон.

-Првпат доаѓаме како гудачки квартет на „Охридско лето“. Многу сме среќни што сме тука и што свириме во оваа извонредна црква. Имаме мешан репертоар, во првата половина се грчки композиции, дела кои ветуваат многу од  млад уметник како композиторот Григориу кој е вечерва тука со нас. Имаме и грчки танцеви, дела од Никос Скалкотас, како и композиција од Емилиос Риадис. Завршниот дел од концертот го посветивме на квартет од Менделсон. Како квартет постоиме од 2005 година, а свириме дела од различни епохи, од барок, па сè до современа музика, изјави виолинистот Андреас Папаниколау.

Концертот на „Емилиос Риадис“ кој се смета за еден од најзначајните камерни ансамбли во Грција, се одржа во рамки на Грчката вечер на „Охридско лето“ поддржана од Амбасадата на Грција во Република Северна Македонија.