Реперторарот на 63-тото „Охридско лето“продолжува вечерва со концерт на камерниот оркестар „Кончертанте“ од Ниш, Србија што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот под диригентската палка на Милена Ињац. Солисти на вечерта ќе бидат виолинистите Марија Рајковиќ и Јован Богосављевиќ.
Камерниот оркестар „Кончертанте“ при Факултетот за уметности на Универзитетот во Ниш постои од основањето на оваа образовна установа и е репрезентативен ансамбл кој го сочинуваат најдобрите студенти на Факултетот за уметности. Од досегашната богата концертна активност се издвојуваат десетици целовечерни концерти во регионот, како и гостувања на фестивали во Грција и Италија и на Гитарскиот фестивал „Наисус“ во Ниш во 2011 година. Овој оркестар ја снима музиката за филмовите „Жена во црвено“ и „Тајната градина“ на данскиот композитор Фредрик Магле. Своето прво ЦД „Vivamus Musica” оркестарот го промовира во 2018, а во 2020 година на онлајн светскиот натпреварот на оркестри во Виена се закити со сребрен медал.
Милена Ињац е диригент, редовен професор и декан на Факултетот за уметности при Универзитетот во Ниш. На натпреварот „Свет на музиката“ во Италија освојува прва награда диригирајќи со Нишкиот симфониски оркестар. Настапувала со Белградската филхармонија, со операта во Белград, со НОБ во Скопје, со Симфонискиот оркестар на РТС, со оркестарот „Станислав Бинички“, со Филхармонијата на Р. Северна Македонија, Нишкиот симфониски оркестар, Црногорскиот симфониски оркестар, со хорот и оркестарот на Софиската филхармонија, како и со оркестрите во Видин и Шумен во Бугарија. Ињац е постојан диригент на Нишкиот симфониски оркестар чиј уметнички раководител била во периодот од 1999-2003 година и раководител е на окрестарот „Кончертанте“. Исто така, таа е селектор и уметнички директор на Интернационалните хорски свечености во Ниш.