Концертна вечер на „Охридско лето“ посветена на флејтистот Илија Зимбо

Во историјата на македонската музичка интерпретатива, меѓу атристите што со своите високи уметнички дострели и харизматична појава оставија силен траг, се наоѓа флејтистот Илија Зимбо. Како омаж кон неговата успешна концертна кариера на бројни европски сцени и во Македонија, Триото што го сочинуваат Татијана Петрушевска Карскаковска  – обоа, Марјан Милошевски – фагот и Петар Макариевски – пијано, (блиски соработници и пријатели на Зимбо) со богата рециталска програма се претстави на годинешново „Охридско лето“. Црквата Св. Софија, беше местото од каде што започна уметничкиот пат на Илија Зимбо, па така концертот посветен нему, овде во Охрид, пред членовите на неговото семејство и бројни колеги и пријатели помина во свечена атмосфера.

Пред почетокот на концертот, обоистката Татијана Петрушевска нагласи дека програмската одредница на концертот опфаќа дела што непосредно кореспондираат со уметничкиот вкус и репертоарските содржини од кариерата на флејтистот Илија Зимбо.

Вечерта започна со втората Соната “La Vibray” оп. 2, од францускиот барокен флејтист и композитор Мишел Блаве, оригинално напишана за флејта и континуо. Истакнувајќи ја ненаметливата убавина на ранобарокните танци, уметниците ја изведоа Сонатата како транскрипција за трио. Одмерено во воведното Andante, динамично и со танцувален манир во Allemanda и Gavotta. Во завршниот став Allegro музичарите покажаа умешност во водењето на фразите низ прецизен метро-ритам и брзи пасажи. Посебно суптилно го изведоа ставот  Sarabanda, демонстрирајќи ја благородничката специфика на танцот, преку „кантилена“ обоена со топол, мек тон преточен низ фразите на обоата, фаготот и пијаното. Во средновековниот амбиент на Св. Софија, Сонатата на Блаве звучеше потполно соодветно и природно.

Следуваше Сонатата за фагот и пијано оп. 168 (1921) од доцната творечка фаза во творештвото на Камиј Сен-Санс, францускиот мајстор на колоритна оркестрација, а потоа уште една Соната, овојпат за обоа и пијано (1962) од Франсис Пуланк, создадена од авторот во спомен на Прокофјев. Во извесна смисла двете дела ги поврзува сродна естетика: контемлативен прв став со елегична естетика, Скерцо како втор став и динамично финале. И обоата и фаготот се инструменти што според колоритот во оркестрацијата природно доловуваат скерцозен, гротескен карактер. А солистите Марјан Милошевски и Татијана Петрушевска само потврдија дека се одлични мајстори на своите инструменти кои поседуваат прецизна техника и истенчен сензибилитет во стилскиот приказ на избраните композиции. Осеобено впечатливо беше да се проследат Скерцата во двете Сонати: весели хуморески каде во фаготот на Милошевски вибрира „дрвениот“, кадифен регистар, а низ виртуозните репетиции и стаката обоата на Петрушевска извонредно ја демонстрира разноликоста на регистрите на благородниот инструмент. Уметниците минуциозно проникнале во финесите на партитурите, тие свират сугестивно, покажувајќи го својот ведар темперамнт и музикалност.

Треба да се потенцира дека и во двете сонати, пијанистот Патар Макариевски вешто ја дозираше клавирската динамика во идеален склад со звучниот интензитет на фаготот и обоата.

Следуваше „Патетичното трио“ (1828) од рускиот романтичар Михаил Глинка, топла, допадлива композиција со извесна салонско-театрална естетика. Мошне адекватен програмски избор кога се знае дека двајцата уметници, Петрушевска и Милошевски се долгогодишни членови на оркестарот на Националната Опера и Балет во Скопје. Со чиста интонација, нагласена „театарска“ агогика и целосно усогласена пијанистичка делница тие ги претставија спецификите на ставовите преку слеани дијалози меѓу инструментите. Особено впечатливо беше да се слуша „вокалното“, лирско нијансирање на темите во обоата и фаготот, придружени од „чипкесто“ дотерани клавирски пасажи во позадината, што во камерниот амбиент на Св. Софија за миг создадоа алузија на оперска претстава.

Богатата концертна вечер беше заокружена со уште едно камерно претставување: Триото за обоа, фагот и пијано (1926) од Франсис Пуланк (посветено на Мануел Де Фаља). Оваа динамична, мајсторски создадена композиција (едно од најзначајните дела на авторот) и во формообразувањето и во стилистиката крие директни реминисценции што го отсликуваат респектот на Пуланк кон Хајдн, Моцарт, Сен Санс и Равел. Со целосна артикулациска поврзаност, Петрушевска, Милошевски и Макариевски го отсвиреа технички ни малку едноставниот прв став Presto, полн со нагли ритмички пресврти, мелодично и музикално вториот став Andante и полетно, сите жестоки „маршевски стаката“ во завршното  Rondo. Вешта интерпретација во еден здив.

На бис, мошне емотивно, уметниците ја изведоа аријата “Mon coeur s’ouvre à ta voix” од операта „Самсон и Далила“  од Сен-Санс во транскрипција за трио, инаку омилена тема на флејтистот Илија Зимбо.

Уметниците што го сочинуваат ова Трио, имаат различни сензибилтети поврзани во една убава тонкса слика. Тие ја владеат основата на камерното музицирање: одлично совладани сопствени делници на обоа, фагот и пијано, ускладено вклопени во ансамбл. Концертот беше достоинствено одавање почит кон уметничкиот лик на Илија Зимбо и показател за високиот професионален квалитет на неговите колеги што му го посветија концертот. Воедно и потсетување дека камерните концерти, препознатливиот програмски симбол на фестивалот „Охридско лето“ се вистинско уживање за музичките сладокусци.

Викица Костоска Пенева – музиколог