Аргентинска атмосфера на „Охридско лето“ со оркестарот „Кончертанте“ од Србија

Маркантната уметничка појава на Астор Пјацола има силно влијание врз неброено многу музичари во дваесеттиот и дваесет и првиот век. Тоа е силно влијание што им влева храброст на композиторите да навлезат во светот на музичкото фузионирање, да ги поврзат звуците од сопствените корени со неприкосновените класичарски и авангардно-џезерски техники на компонирање. Тоа е уникатна музика, неверојатно присутна на концертните подиуми што им овозможува на репродуктивните уметници инстантно да ја придобијат публиката. Во последниве фестивалски изданија на „Охридско лето“ речиси не поминува концерт, а да не го слушнеме Пјацола во програмата или барем како ефектен encore.

А концертот на нишкиот гудачки оркестар „Кончертанте“ под диригентство на Милена Ињац, што се одржа во Св. Софија на годинешново „Охридско лето“, беше целовечерен омаж – музички калеидоскоп во стилот на аргентинско “nuevo tango” и единствениот Астор Пјацола. Младите талентирани музичари, членови на ансамблот, инаку студенти на Факултетот за музичка уметност во Ниш, Србија, со енергично водство од нивната професорка Милена Ињац, остварија одличен концертен настап во ранг на професионални уметници.

Програмскиот избор: „Фуга и Мистерио“, „Мелодија ен ла“, „Либертанго“, извонредните „Годишни времеиња во Буенос Аирес“ од Пјацола, стилски балансирано со популарната “Por una Cabeza” од Карлос Гардел и експресивната „Аргентинска фантазија“ од Јован Богосављевиќ, беше во насока кон создавање аргентинска атмосфера на концертот. Од непретенциозна леснотија на живеењето до силна страствена емоција – со малку зборови тоа се обрисите на љубовниот танц, танго. Токму така, без дистанца, лесно, сосема природно со младешки дух, членовите на ансамблот „Кончертанте“ и диригентката Ињац, ги интерпретираа комплексните хармонии и остар ритам. Тие покажаа дека специфичниот музички јазик на Пјацола и Гардел во поконцизните „Фуга“, “Cabeza” и „Либертанго“ што претставува танго – современа варијација на барокната Пасакаља од Хендл и ненадминатата Бахова полифонија, им е наполно близок и разбирлив.

Сепак, централни пиеси на вечерта беа „Аргентинската Фантазија“ и „Годишните времиња“ (во првата, авторот, Јован Богосављевиќ и неговата сопруга, Марија Рајковиќ – одлични солисти на виолина, во втората Богосављевиќ, соло виолина). „Фантазијата“, троставачна композиција – „Музичка кутија“, „Дожд“ и „Добле А“, на автентичен начин ја пренесува фасцинацијата на авторот од неодоливоста на аргентинското танго, но и креативниот дух на Астор Пјацола. Тоа е ефектна композиција со директни програмски алузии, наведени во насловите, а акцентот на авторот е низ корпусот на гудачкиот оркестар и солистичките делници во двете виолини да ја долови бисонарната специфика на инструментот бандонеон – неразделлив звучен синоним на тангото. Особено допадлив беше настапот на младиот Вито Илиќ на тамбура, во првиот став, што во согласност со бистрото pizzicato во виолинското соло, „видливо“ ја потенцираа тонската слика како музичка кутија. Лесно е да се препознае кога  уметниците негуваат изразит афинитет и страст кон одреден жанр. Виолинистот Јован Богосављевиќ напишал композициски богато и содржајно дело, а солистката Рајковиќ, членовите на оркестарот „Кончертанте“ и диригентката Ињац, во чекор ја следат неговата замисла низ жестока и колоритна интерпретација. Звучните бравури, флажолети и ударни ефекти на гудачките инструменти, обликуваа нескриено еуфорична тендеција кај сите учесници во перформансот.

Тие на концертот успеаја да ги доловат „аромите“ на Аргентина, “orquesta tipica” со кои Астор Пјацола не само што го освои светот, туку и направи своевидна музичка револуција во дваесеттиот век. Публиката во Св. Софија имаше привилегија да ужива во премиерна изведба, што несомнено и отвора убава иднина на „Аргентинската фантазија“.

Во сличен манир, уметниците ги отсвиреа „Годишните времиња во Буенос Аирес“ од Пјацола како вечна инспирација од Вивалди. Богосављевиќ, низ исклучително сугестивен израз, само нé наведе да се потсетиме дека тој е особено даровит уметник и изданок од познатата виолинска школа на Игор Ојстрах.

Публиката го препознава тоа безрезервно предавање и затоа концертите со ваков профил и енергија претставуваат одлично освежување на „Охридско лето“.

Викица Костоска Пенева