РЕЦЕНЗИЈА: Музичко доживување со историја, наука, едукација и уметност

Негувајќи ја шпанската култура и уметност, во рамките на музичката програма на 63-тото издание на фестивалот „Охридско лето“, во амбиентот на црквата „Света Софија“, под покровителство на амбасадата на Кралството Шпанија, се одржа „Шпанската вечер“.

По поздравните говори на директорката на фестивалот Наташа Поповиќ и амбасадорот на Шпанија Хозе Луис Лозано Гарсија, каде беа разменети пораки за меѓусебната културна соработка помеѓу двете земји, присутната публика имаше можност да присуствува на едно невообичаено и сосем поинакво музичко доживување. Атипичноста и различноста на оваа концертна вечер, првенствено се состоеше во отклонувањето од почесто застапените стилски периоди во програмските содржини, но и во отстапувањето од присутноста на класичниот инструментариум на концертниот подиум. Наспроти тоа, имавме прилика да влеземе во светот на ренесансата и раниот барок, преку звукот на автентичните инструменти од тој период. Сето тоа, благодарние на гостувањето на Камерниот ансамбл „Ла Спања“ од Шпанија, кој името го зема од една од најпознатите мелодии од ренесансниот период, а којшто е посветен на изведба на дела од епохите на ренесансата, па сè до раниот романтизам, со повремено навлегување и во творештвото од 21 век.

Иако исклучително ретко, на „Охридско лето“ не му е страно угостување на вакви формации. Имено, уште од 60-тите и 70-тите години, фестивалот има традиција да кани ансамбли за ренесансна музика со стари инструменти, но и за вокална музика. И, најверојатно, овде, кај нас, ваков тип на концертирања може да се проследат само на неговата сцена. Во тој контекст, ова програмско освежување беше полн погодок.

Под сводовите на „Света Софија“, чиј простор, акустично е многу адекватен за тој звук, заинтересираната публика, која оваа вечер ја имаше во значително голем број, имаше можност неполни два часа да ужива во творештвото на старите мајстори од 16 и 17 век. Музичарите на „Ла Спања“, Алехандро Мариас (виола да гамба), Рамиро Моралес (архлаута и барокна гитара), Хуан Карлос де Мулдер (архлаута), Хорхе Лопез-Ескрибано (чембало и оргули) и Пабло Гаридо (виола да гамба), со своите инструменти и суптилното музицирање, успеаа да создадат атмосфера во која ја пренесоа аромата на ренесансата и раниот барок во охридското современие. Тоа беше концерт, кој во едно слободно толкување, без стравување од елитистички квалификации, може да се толкува како „интелектуален“ концерт. Во него имаше историја, наука, едукација, уметност… Не беше тоа лесен концерт, туку напротив, музичко мигновение за чие восприемање беше потребна концентрација. При тоа, влегувајќи во еден историски контекст на музичко творење и делување, публиката имаше можност одблиску да се запознае со оригиналниот инструментариум, не само звуковно, ами и визуелно и толковно, најмногу благодарејќи на едукативните интермеца на уметничкиот раководител на ансамблот, Алехандро Мариас.

Програмскиот концепт беше заснован на ренесансната мелодија „Ла Спања“, при што, членовите на истоимениот камерен ансамбл изведоа избор на композиции од музичкото творештво на повеќе европски земји, во чии основи лежи токму нејзината тема. Така, имавме можност да слушнеме низа бисерни композиции од Шпанија, Англија, Италија и Франција, во кои „Ла Спања“ е видена низ визурата на старите мајстори Хуан дел Енцина, Винченцо Капирола, Гиљемо Ебрео да Песаро, Франческо да Милано, Антоние де Кабесон, Хајнрих Исак, Франциско де ла Торе, Диего Ортиз, Франсис Пилкингтон, Тобиас Хуме, Антоан Фокерај и Марин Мариас, запишани и овековечени во повеќе историски значајни публикации, како што се „Збирката за лаута од Капирола“, која датира околу 1517 година, „Збирката за лаута Кавалканти“, објавена во 1590 година, „Ракописот на Џон Велде“ отпечатен околу 1600 година, „Втората збирка дела за виола“ од 1701 година и тн. Во конгломератот на сиве овие историски творби, успешно беа вклопени и современите композиции на Алехандро Мариас и Рамиро Моралес, напишани во автентичен дух.

Шпанските музичари покажаа дека се длабоко навлезени во музичката литература од овој период и дека располагаат со исклучителна способност за интерпретирање и обликување на сите финеси и специфики кои го карактеризираат овој стил. Тие музицираа со пријатен и култивиран израз, изграден од убав тон, движејќи се во одмерена, пијано и мецофорте динамика, успешно задржувајќи го вниманието и без екстремни динамички контрасти и кулминации. При тоа, презентираа техничка и интонативна прецизност со јасно дефинирање на линиите на инструментите, овозможувајќи ни да ги восприемиме убавините на звукот на претходникот на виолончелото, виолата да гамба, историски најзначајниот претставник од родот на трзачките жичани инструменти, архлаутата, како и претходникот на клавирот, чембалото.

Сумирано, со настапот на Камерниот ансамбл „Ла Спања“, „Охридско лето“ ни овозможи еден оригинален музички чин, по мерка на вистинските и најпребирливи сладокусци на квалитетната музика.

Александар Трајковски, музички публицист и педагог