Манова: Ценетоста почнува од почитта кон државата од каде потекнувате, независно дали сте уметник или не

Македонската пијанистка Илинка Манова живее и работи во САД.  Добитничка на повеќе награди, а нејзината љубов и страст кон музиката ја преточува во суштинско изучување на оваа уметност. Првите образовни стадиуми ги завршува во Скопје во класата на проф. Валентина Нолчева, за потоа да продолжи да студира во класата на проф. Арбо Валдма во Келн и во класата на д – р Соломон Миковски на „Менхетен“ школата за музика во Њујорк.  Добитничка е на полна стипендија за нејзините студии со Стефани Браун на САНИ каде што се здобива со титула магистер и  со уметничка диплома.

Охридско лето: Одамна сте немале настапи во родната земја и на фестивалот „Охридско лето“. На што се должи тоа, дали можеби причината е тоа што живеете далеку, во САД?

Манова:Мојот последен солистички концерт на „Охридско лето“ беше во 2001-та година. Причина сега не можам да барам, треба само да гледам напред и да продолжам почесто да настапувам во родната земја. Америка е многу далеку, 10-тина години се посветив на моите деца, и сега можам конечно да се посветам на тоа што многу го сакам, да настапувам на сцена. Имав поголеми ангажмани во градењето на класа со студенти, бев ангажирана со мојата непрофитна организација „Рондо“ со која организирав голем број настапи на млади музичари од целиот свет во Карнеги Хол, Меркин Хол, ДиМена Центар и во последно време настапував локално, во Соединетите Американски Држави и во Швајцарија. Многу сум среќна што сум поканета на „Охридско лето“ годинава заедно со виолинистот Игор Пикајзен.

Охридско лето:Со каква програма настапивте на „Охридско лето“ заедно со виолинистот Игор Пикајзен? Колку време се знаете и соработувате со него?

Манова: Јас и Игор соработуваме од 2017 година. Имаме настапувано во Њујорк и во Женева заедно. Тој е брилијантен виолинист, за кого верувам дека допрва ќе се слушаат убави работи. Симболиката е уште поголема за него бидејќи неговиот дедо, легендарниот Виктор Пикајзен има настапувано на „Охридско лето“ во 1975 година. Јас и Игор внимателно ја избиравме програмата со која ќе настапиме. Издвоивме дела кои се неконвенционални, кои не се стого класични, ниту пак често се изведуваат. Идејата беше исто така да свириме и композитори кои творат во денешнинава. Концертот започна со „Соната за виолина и пијано“ од Роберт Шуман, потоа следеше дело од Арво Парт – „Фратрес“ кое со акустиката во црквата беше посебно, за крај на првиот дел е „Каприс во форма на валцер“ од Сен-Санс. Во вториот дел ја свиревме „Соната за виолина и пијано“ од Дебиси, Игор ја изведе соло сонатата број 6 од Ежен Исаи, и за крај уште две дела. Мајкл Фајн, ценет музички продуцент кој има напишано дело со наслов „За пријател“ и композиција од Фролов во џез стил врз база на теми од операта „Порги и  Бес“.

Охридско лето: Колкава е тежината на еден уметник кога настапува на сцена?

Манова: Многумина не се запознаети со тежината и одговорноста на еден сценски уметник. Ние работиме темелно на секое дело кое го изведуваме, во смисол не само технички и физички да бидеме подготвени да ги отсвириме нотите, туку да го разбереме точно јазикот на композиторот, неговата или нејзината идеја како таа музика впрочем преку нашите инструменти би звучела и би се пренела на публиката. Подготовките траат неколку месеци пред самиот настап, независно дали настапувате солистички или во камерен состав, и сето тоа на крај се преточува во 60 до 90-минутен настап во живо.

Охридско лето: Како ја доживувате Република Северна Македонија од позиција на уметник?

Манова: Како своја татковина во која со радост се враќам секоја година без исклучок. Од далечната 1992 година кога првпат ја напуштив за да се школувам во Нови Сад, Србија, да продолжам во Келн, Германија и од 1996 година во Њујорк, САД. Ценетоста почнува од почитта кон државата од каде потекнувате, независно дали сте уметник или не. Јас со големо внимание ги запознавам и едуцирам сите мои колеги и пријатели од целиот свет за Македонија. Преку македонски композитори, нашата кујна, традиции, нашиот танц, ритам. Во Македонија отсекогаш постоела традиција и високи стандарди за изучување на класична музика. Колку мала земја сме, а имаме еден куп успешни музичари кои работат и творат не само на овие простори, туку и по целиот свет. Како уметник кој веќе три децении живее надвор од Македонија би посакала повеќе да видам да си помагаме, да им помагаме и на младите музичари, да го продолжиме истиот пат и да не заборавиме како нам некогаш некој ни подал рака, дали тоа било преку музичка работилница, концерт, совет, време или внимание.