Рецензија: Четирирачно пијано на Француската вечер

Одржувањето на Француската вечер на „Охридско лето“, започнувајќи уште од 2008 година, за време на француското претседателство со Европската унија, со поддршка на Амбасадата на Франција во Република Северна Македонија и Францускиот институт во Скопје, веќе претставува неразделен дел од фестивалската програма. Во рамките на нејзиното одржување, француската музичка сцена секогаш имала светли рефлексии на охридската сцена, што во својот поздравен говор го истакна и вршителот на должност во Амбасадата во Франција во Р С. Македонија, Емануел Гардиј. Отворајќи ја концертната вечер, таа подвлече дека престолнината на француското културно присуство кај нас, е токму Охрид, и дека Француската вечер е вкоренета во традицијата на фестивалот и со текот на годините станува привилегиран момент за презентација на млади и големи таленти на француската музика.

Овогодинешната Француска вечер ја одбележа концертот на пијано-дуото Дезомбре – Леклер,  персонифицирано во уметниците Ан Дезомбре и Уго Леклер, кои на концертниот подиум во црквата „Света Софија“ изведоа перформанс на четирирачно пијано, во кој преку рафинирана изведба на делата од француското пијанистичко творештво и презентираа висок степен на професионализам. При тоа, по сите стандарди на камерното музицирање, особено во ваков тип, заради спецификата на четирирачниот израз, во изведбата на Дезомбре и Леклер можевме да воочиме извонредна музичка комуникација, со совршена усогласеност и заемно надополнување.

Низ програмската содржина во која сосем очекувано, предност му дадоа на импресионизмот, се движеа јасно и сигурно, остварувајќи убава тонска емисија, изградена врз одлична техничка основа, но и префинето чувство за интерпретација. Педантноста пак, во звучната материјализација на нотниот текст и јасното исцртување на стилските црти, ги профилираа како вонредно чувствителни пијанисти.

Најнапред ја слушнавме софистицараната изведба на Свитата „Доли“ на композиторот Габриел Форе, кадешто со една изразито видлива студиозност ги оформија нејзините шест кратки композиции, поентирајќи во лирското и хроматско исцртување на петтата „Tendresse“ и живописното сликање на шпанскиот танец во шестата, наречена „Le pas espagnole“. Доминантен дел од концертното претставување, француските уметници му посветија на творештвото на Клод Дебиси. Така, извлекувајќи ги сите нијанси од широката лепеза на бои, ги насликаа четирите, наизменично контрастни, кратки, но есенцијални ставови од неговата „Мала свита 71 а“ – најпрво, со една изразена лирика и суптилно градење на арпеџата во првиот став, а потоа, во понатамошниот тек нижејќи ги скерциозноста, нежноста и на крај, во последниот, ритмичката раздвиженост и валсовиот карактер. Надоврзувајќи го творештвото на Морис Равел, двајцата пијанисти јасно се движеа низ богатата текстура на неговата свита „Мојата мајка гуска“, остварувајќи јасно изразен импресионистички допир во сите пет става. Технички, одлично отсвирено, тие креираа раскошни динамички преливи и колоритни нијансирања, лесно градејќи ги сите ставови, најпрво спротивставувајќи ги лежерноста со благо немирниот трепет во првите два става, а потоа, истакнувајќи ги спецификите на пентатониката, валсовата природа и пиктуралноста, во останатите три. Во Сонатата за четирирачно пијано на Франсис Пуланк, со која всушност и го заокружија целовечерниот рецитал, дуото Дезомбре и Леклер му дадоа посебно значење на едно од најзначајните дела за пијано дуо од 20-от век. Со префинето остварување на најситните детали, тие ја претставија целата нејзината мелодиско-хармонска длабочина, сугестивно креирајќи ја суштината на расположенијата во сите три става (Prelude, Rustique и Final).

   Освен четирирачниот перформанс, рециталот содржеше и три изведби на соло пијано, во кои солистичкиот фокус беше поставен на Уго Леклер. При тоа, вадејќи ја на површина сета своја пијанистичка зрелост, длабоко понирана во дуетското ткиво, тој изведе Две арабески CD. 74 и Два прелудиуми од Книга 2 („La Terasse des audiences du clair de lune“ и „Feux d’artifice“) на Клод Дебиси, како и Импровизации на Марсељеза, чиј потписник е самиот Леклер.

Со концертот на четирирачно пијано, уште еднаш се потврди дека Француската вечер, во фестивалската програма на „Охридско лето“ секогаш вткајува квалитетни уметници, чија изведба, најавтентично ја претставува француската музичка култура.

Александар Трајковски, музички публицист и педагог