Николовска: Сите ние сме „Серјожи“ на нашето време

Одлична театарска игра вчеравечер прикажаа актерите од Народниот театар Охрид изведувајќи ја претставата „Сергеј е многу глупав“ од Дмитри Данилов, а во режија на Дејана Николовска.

Дмитри Данилов е еден од најпопуларните руски современи драматурзи чиј текст досега не беше поставен на македонската театарска сцена.

-Неговата пиеса „Серjожа е туп“ е хит во многу театри во Русија и странство, и разбирливо е зошто. Ако го откриеме подтекстот на пиесата, лесно ќе ја согледаме актуелноста за времето кое го живееме. Изборот на драмскиот текст ветува нов, оригинален театaрски јазик и пристап каков што досега сме немале на нашата театрска сцена. Во претставата се разигрува ситуација во која се кршат границите на реалноста во животот на еден актуелен современ лик – компјутерски програмер кога ненадејно и на „голема врата“ во неговиот живот влегува апсурдот. Од Серјожа се очекува брзо и вешто да научи да комуницира со него,  нешто за кое тој однапред нема напишан„код“, вели режисерката Николовска.

Во претставата, наједноставната животна ситуација одеднаш се претвора во егзистенцијална ситуација. Курири–доставувачи, актуелни ликови во денешницата, неочекувано доаѓаат кај програмерот и уште од прагот соопштуваат дека имаат намера да поминат точно еден час со него по што ќе му дадат пратка со непозната содржина, испратена од непознато лице.Од овој момент па натаму, започнува надреалистичното шоу кое ќе го вовлече гледачот во динамична игра во која дијалозите и хероите ги рушат сите очекувани театарски стереотипи и во која крајот за гледачите е целосно непредвидлив.

-Страв од средбата со „непознатото“, обидот  да се погледнат привичните работи од нов агол, сево ова го оттргнува ликот од вообичаената рутина и му го разнишува светот. Повеќе ништо нема логика. Обичниот живот му е претворен во апсурд. Не доаѓа еден курир, туку трјоца. Судејќи по разговорот сфаќаме дека е можно, но и не мора да се работници на „внатрешните органи“. Се поставуваат прашања како: Дали е оженет,  дали има деца. (Ако не е ,зошто не?). Се испоставува дека дека тие се добро едуцирани и дека имаат и широк дијапазон на вештини: можат да оперираат слепо црево на клинет, а можат и да погребаат некого ако тоа е потребно.Авторот не мами и наведува да посмилиме дека ова би било приказна со тажен крај, во која  Серјожа е жртва на виша сила, но тој и тука има изненадување за нас.  Во својство на контарпункт тој ја вметнува Маша, сопругата на Серјожа. Маша во споредба со Серјожа воопшто не е уплашена од куририте.Таа е љубезна со нив, ги послужува кафе и им посакува топло добредојде. Најпосле куририте заминуваат, оставајќи ја пратката во станот.Маша веднаш, без да се размисли, моментално се справува со проблемот: („Серјожа, веднаш фрли го! Во ѓубре, реков! “, „ Тргни го веднаш, реков, подалеку од нашата куќа! ). Серјожа прво е затечен, но потоа покорно ја изнесува пратката-пакет надвор како ништо да не било, појаснува Николовска.

Серјожа не е туп. Тој е типичен млад човек, воспитан и обрaзован, продукт на еден систем и на едно време. Тој го разбира животот на одредено ниво,  но не ги разбира подводните текови како и повеќемината од нас. Со други зборови, тој се плаши од КУРИРИ. Тој се плаши од ирционалното кое кога ќе влезе во нашите животи треба да се третира соодветно. Во спротивно, може да остави несогледливи последици по животот.

-Серјожа е херојот на нашето време. Со други зборови сите ние сме „Серјожи“ на нашето време, додава режисерката на оваа театарска  претстава, Дејана Николовска.

Во претставата играа актерите Никола Тодоровски, Стрезо Стаматовски, Горан Стојаноски, Филип Кипровски и Елизабета Стефановска.