Со голем креативен занес и изразени креативни бранувања, големиот украински пијанист Алексеј Ботвинов вчеравечер ја воодушеви публиката на „Охридско лето“, изведувајќи концерт во рамки на Украинската вечер на фестивалот.
Ботвинов се смета за еден од најзначајните украински пијанисти и еден од најдобрите интерпретатори на музиката на Сергеј Рахмањинов, но тој е и единствениот пијанист во светот кој на сцена ги има изведено „Голдберг варијации“ на Бах повеќе од 300 пати.
Воодушевен од престојот во Охрид, но и од самиот амбиент на катедралната црква „Света Софија“ , овој голем украински пијанист, музички иноватор и продуцент рече дека РС Македонија е 47-та земја во која настапува во неговата пијанистичка кариера.
-Премногу сум среќен сум што сум тука. Навистина преубав град и волшебна црква. Акустиката одговара перфектно на пијаното и дава топол звук. Преубаво си поминав на концертот, а се надевам дека и публиката помина прекрасно. Многу ме инспирира ова место. Првпат сум во вашата преубава држава.Таа е 47-та од државите во кои што имам досега одржано концерти, рече пијанистот Ботвинов.
Во 2015 година, тој е прогласен за Народен уметник на Украина- највисоко уметничко признание во неговата земја, а истата година го основа Меѓународниот фестивал „Одеса класикс“ чиј претседател и уметнички директор е токму тој. Од неговото основање, па до денес, фестивалот бележи огромен успех и станува еден од најзначајните фестивали во Украина, и еден од водечките фестивали во Европа.
Украинската вечер на фестивалот „Охридско лето“ се одржува со поддршка од Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија.