Рецензија: Алексеј Ботвинов, пијанист со најсуптилни длабочини во интерпретацијата

Украинската вечер, што „Охридско лето“ ја организира во соработка со Украинската амбасада во РС Македонија, на годинешниов фестивал помина во знакот на еден од најистакнатите современи украински пијанисти, Алексеј Ботвинов. Во „Св. Софија“, уметникот се претстави со целовечерен солистички рецитал. А публиката, што речиси целосно го исполни просторот во црквата, имаше привилегија да ужива во богато осмислена програма со дела од класичен пијанистички репертоар, но и композиции од современи украински автори.

Осврнувајќи се кон биографијата на Алексеј Ботвинов, неодминливо ќе забележиме дека станува збор еден исклучително содржаен уметнички лик, кој покрај долгогодишната концертна кариера како врвен пијанист, работи на полето на музичката продукција, реализира мулти-медијални проекти што ја обединуваат класичната музика со други музички жанрови и драмските уметности, основач е на меѓународниот фестивал „Одеса класик“ во неговиот роден град и со право, покрај другите одликувања го носи високото признание Народен артист на Украина. Но она, што за нас како проследувачи на концертните активности е посебно занимливо, е фактот дека тој е веројатно единствениот пијанист што Баховите „Голдберг варијации“ ги извел повеќе од 300 пати на сцените ширум светот. Покрај тоа, Ботвинов важи и за уметник чија специјалност е интерпретација на дела од Рахмањинов.

Со концертот на „Охридско лето“ се уверивме дека точно духовноста и естетиката на Бах и Рахмањинов, изразито кореспондираат со уметничкиот сензибилитет на Алексеј Ботвинов.

Како свечен вовед, ја слушнавме Баховата Чакона во де-мол (во историската преработка за пијано од 1892 на италијанскиот пијанист и аранжер на Баховата музика, Феручио Бузони). Како некој кој имал можност да ја свири и слуша оваа бевремена музика неброено пати, ќе забележам дека интерпретацијата на Ботвинов беше своевидно откритие. Уметникот, неразметнувајќи се со својата цврсто изградена пијанистичка техника, одбра одмерен начин на свирење. Тоа е едно интимно толкување и нурнување во комплексноста на партитурата, при што движејќи се низ варијациите, деликатно и со посебна мисловност, тој креира извонреден спектар „пијанисима“, а акордските делници со многу вкус ги свири во една култивирана forte динамика и ни овозможува да проникнеме во скриените Бахови полифони импулси, сосем природно и непретенциозно. Уживавме во мисловна, филозофска Чакона, поштедена од вулгарност. Ќе забележиме и дека Ботвинов е многу внимателен и вешт во употребата на педалот, со што не дозволува романтичарскиот аранжман на Бузони да ја надвладее возвишеноста на барокната естстика. Слушајќи го Алексеј Ботвинов и неговото толкување на Бах во акустичкиот амбиент на Св. Софија, неодминливо се присетивме на Брамсовата мисла кон Чаконата во де-мол: „цел еден свет сочинет од најдлабоки мисли и најмоќни чувства“.

Во продолжение, со изведба на романтичните пиеси од Шопен (две Ноктурна оп. 9 бр. 1 во бе-мол и оп. 48 бр. 1 во це-мол), Брамс (Трите интермеца од оп. 118) и Рахмањинов (Елегијата од оп. 3 бр. 1 и Два прелудиуми во гис-мол и во ге-мол), како и композициите од украинските композитори  Мирослав Скорик (Мелодија), Валентин Силвестров (Гласникот) и Алемдар Караманов (Ноќна молитва), после Баховата Чакона, Алексеј Ботвинов создаде едно постапно концертно крешчендо постигнувајќи кулминација во „Солзи“ и „Велигден“ (од Суитата за две пијана) од Рахмањинов, во негов аранжман, како впечатлива завршница.

Креирајќи го овој ни малку едноставен програмски потфат, беше задоволство да се забележи дека уметникот ужива во акустиката на „Св. Софија“ и настапот во Македонија како 47-ма земја на неговата импознтна концертна мапа. Тоа несомнено дополнително го инспирираше да покаже голем дел од силината на своето напластено знаење и уметничко искуство.

Шопеновите популарни „Ноктурна“ Ботвинов ги претстави во манир на зрел пијанист, сенчејќи ги деликатно фразите во дискантот со бистри пасажи  и воздржана орнаментика и агогика без предимензионирани рубата. Слушнавме префинет Шопен.

Посебно би се осврнале на изведбите на Брамс и секако Рахмањинов. Во трите „Интермеци“ од опусот 118, Алексеј Ботвинов ги донесе соодветно, истакнувајќи ја интроспективната страна од уметничкиот лик на композиторот. Во првото и во второто Интермецо од слоевитата арпежирана фактура, беше задоволство да се чуе со каква умешност ги извлекува внатрешните мелодиски линии, толку својствени за музичкиот јазик на Брамс. Популарното трето Интермецо (Балада) во ге-мол ја отсвири свечено, во едно одлично одмерено темпо, што му овозможи акордската фактура (која со леснотија ја владее) да ја „дотера“ во елгантно staccato, при што познатата мелодија прозвучи јасно и разбирливо.

Особено беше занимливо да се слушне изборот дела од украинските композитори. Би забележале дека во овој историски миг за таа земја, секоја украинска уметничка презентација надвор од нејзините граници е придонес и повик за крај на неразумноста. Алексеј Ботвинов со видлива емоција, многу интимно ги изведе пиесите од Скорик, Силвестров и Караманов. Публиката имаше ретка можност да се запознае со стилистиката на овие современи украински творци, од меланхолични украински фолклорни мотиви (во прекрасната „Мелодија“ во а-мол), „моцартовско анданте“ (во „Глсникот“) и „Ноќната молитва“ од Караманов, како отворен крик за слобода.

Но секако, делата на Рахмањинов се она што ги извлекува најсуптилните длабочини во интерпретацијата на Алексеј Ботвинов. Имавме привилагија избраните прелудиуми, Елегијата (суптилно обликувани певни фрази) и преработките на маркантните „Солзи“ и „Велигден“ (пиесата ја отсвире со раскошна акрдска техника доловувајќи ја атмосферата на Велигенско утро и руски црковни ѕвона) да ги слушнеме од уметник чии едукациски корени се во поранешната советска пијанистичка школа – бездруго извориште и патоказ за тоа како да се инетрпретира пијанистичкиот јазик на Сергеј Рахмањинов.

Алексеј Ботвинов е од оние уметници, што со топлина и едноставност ги презентира фрагментите од својот импозантнтен репертоарски „багаж“. Тука не гледате ни траг уметничка суета ниту драматично афектирање. Чинот на интерпретација во целост е насочен кон креирање на она што пијанистите би го нарекле мек и суптилно обликуван клавирски тон, во сите стилски избори на програмата. 

Неговата музичка претстава би ја дефинирале како префинета лирска глазура, поставена на цврсти, робустни основи.

Викица Костоска Пенева – музиколог