УБАВ КОНЦЕРТ НА МАКЕДОНСКАТА ПИЈАНИСТИЧКА ИНТЕРПРЕТАТИВА

Во широката палета на концертни можности кои ги нуди пијаното, со атрактивната компонента за слушателите и техничките и интерпретациските предизвици за изведувачите, една од попримамливите форми, секако е четирирачното пијано или концертирањето на две или повеќе пијана. Негувајќи го овој начин на изведба, но истовремено, внимавајќи тоа да биде донесено на висококвалитетно ниво, музичката програма на „Охридско лето“ ни го понуди и концертот на Пијано дуото Гелебешеви, како едно од дуетските формации кое на македонската камерна сцена се истакнува со високо профилиран квалитет во уметничката изведба, повеќе од дваесет години наназад.

Дуото, персонифицирано во пијанистите Катерина Костадиновска-Гелебешева и Глигор Гелебешев на македонската публика ѝ е познато по своите оригинални концертни перформанси, често препознаени и забележани и од перата на македонската музичка критика. Охридската публика пак, го памети нивниот прв целовечерен настап пред четири години кога реализираа програма за пијано за четири раце. Давајќи го својот максимум, пијанистите Гелебешеви се потрудија овогодинешното претставување да го продолжат на линијата на својата стекната и докажана репутација, во што, несомнено и потполно очекувано, успеаа.

Под сводовите на „Света Софија“, пијанистичкото дуо се претстави со рафинирана интерпретација, прикажувајќи особено развиено чувство за разработка и на најситните детали на музичките партитури, како и способност за јасно градење на формалните целини, со сите нивни белези. При тоа, презентираа висок степен на техничка подготвеност, справувајќи се со сите предизвици на четирирачниот потфат. Имајќи ги предвид сознанијата за колоритниот репертоар со кој располагаат, воопшто не изненади изборот со кој пијано дуото ја конципираше концертната програма. Разделувајќи го целовечерниот перформанс во два дела, најнапред се претставија со композиции за четирирачно пијано, а потоа и со творби за два клавира, овозможувајќи ни да слушнеме четири бисерни дела од пијанистичка литература на 19-от и 20-от век.

Во првиот дел, образувајќи една хомогена целина, ги изведоа „Малата свита 71 а“ на Клод Дебиси и Шубертовата „Фантазија во f-moll“. Така, четирите кратки, но  богато-слојни ставови на „Малата свита“ („Во лотката“, „Поворка“, „Менует“ и „Балет“), ги насликаа со сите ритмички и мелодиско-хармонски нијанси, јасно диференцирајќи ги нивните карактери. Понатаму, давајќи ѝ го вистинското значење на „Фантазијата во f-moll“ на Франц Шуберт, како едно од најмаркантните дела од литературата за четирирачно пијано од романтичарскиот период, слушнавме студиозно и беспрекорно сработена партитура, чија звучна трансформација, дуото Гелебешеви ја остварија мошне јасно и сигурно – произведоа убав и богат тон, суптилни динамички нијансирања, извлекувајќи ја лириката во тематскиот материјал и градејќи ги сите елементи на полифоната структура.

Во вториот дел, се претставија со две исклучително сложени дела од руското творештво за две пијана, заменувајќи го при тоа паралелниот, со фронтален став и остварувајќи извонредно прецизна мисловна комуникација, рефлектирана во комплексноста на музичките теченија. Најпрво, во „Свитата оп. 5“ на Сергеј Рахмањинов, посветена на големиот руски творец Чајковски, живописно претставија четири звучни пејзажи, обликувајќи ги нејзините четири дела („Баркарола“, „Љубов и ноќ“, „Солзи“ и „Празник“) со сите потребности – сјајност во високите регистри, драматика во ниските, акордски напластувања, јасни арпеџа, градење на сложени пасажи, претставување на сите хармонски пресврти… Во едно послободно толкување, може да се извлече впечатокот дека со својата тонска емисија, Гелебешеви всушност, ги интерпретираа поетските мисли на Михаил Лермонтов, Лорд Бајрон, Фјодор Тјутчев и Алексеј Хомјаков (авторите, врз чии поеми, тогаш, младиот Рахмањинов ја создал оваа разновидна четириставична свита).

Овој концерт, пијано дуото го заокружи со „Кончертиното оп. 94“ на Дмитриј Шостакович. Потврдувајќи го веќе изградениот впечаток за целовечерниот перформанс, двајцата пијанисти цврсто и сигурно „изработија“ една комплексна архитектонска целина извлекувајќи мноштво симфониски бои, при што, едниот ја презема улогата на солист, а другиот, улогата на придружен оркестар. Во нивна интерпретација, партитурата на Шостакович, прозвуче со сите артикулациски и динамички специфики, промени на темпа и карактерни обликувања.

На крајот, за бис, слушнавме еден пријатен, убаво обликуван Брамс. „Унгарските танци“ за четирирачно пијано, Гелебешеви ги донесоа суптилно и умерно, токму по мерка за завршување на еден концерт, во кој македонската пијано интерпретатива се претстави во најубаво светло.

Александар Трајковски, музички публицист и педагог