Професионалниот хор „Про Арс“ ја затвора музичката програма на „Охридско лето“

Музичката програма на годинешното 63-то издание на фестивалот „Охридско лето“ се затвора вечерва со целовечерен концерт на професионалниот мешан хор „Про Арс“  што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, под диригентската палка на Сашо Татарчевски.

Професионалниот мешан хор „Про Арс“ е формиран 2011 година од диригентот Татарчевски по повеќегодишно делување во сферата на хорската уметност и анализа која укажа на недостаток од еден ваков ансамбл, кој професионално и пред сѐ квалитетно ќе одговори на потребите на музичката сцена во Македонија.

Предностите на хорот стануваат видливи уште во првата година од неговата активност, презентирајќи висок квалитет на изведбите, мобилност и можност за изведба на широк репертоар со различна жанровска определба. Посебен акцент и посветеност се дава на веќе постоечкото македонско хорско творештво, но и на поттикнувањето на младите автори за пишување нова хорска музика. Во своето дванаесет годишно делување, хорот оствари самостојни концерти со уметничка хорска музика, концерти на „Денови на македонска музика“ со праизведби на композиции од македонски и странски автори, концерти на реномирани фестивали како „Охридско лето“, „Денови на македонска музика“, „Есенски музички свечености“, соработка со разни фондации и здруженија во реализирање концертни програми со хетерогена жанровска определба. Од 2018 година хорот е редовен гостин на концертите со вокално-инструментална музика на Филхармонијата на Р. С. Македонија , настапувајќи не само со маестро Татарчевски, туку и со диригенти како: Густав Кун, Емил Табаков, Габриел Бебешелеа, Лубнан Балбаки и др. „Про Арс“ реализирал огромен број студиски снимки за едукативни програми,  солистички албуми, како и филмска музика за високо буџетни интернационални филмски остварувања во студиото ФАМЕС. Од 2017 година хорот ја започна и својата меѓународна афирмација со настапите на престижни сцени во Солун, Софија и Виена.

Членовите на професионалниот хор „Про Арс“ се млади, мотивирани, вокално образовани хорски уметници, комплетно едуцирани и подготвени за ефективна и професионална работа.