Рецензија: Квалитетна креација на македонската хорска уметност

Последната вечер од богатата музичка програма на 63. издание на фестивалот „Охридско лето“, донесе сосема различен концепт од целокупната овогодинешна понуда. По широката лепеза на композиции, почнувајќи од ренесансата, па сè до современието, потпишани од врвните пера на европската и светска композиторска елита, а изведени од разни, претежно инструментални формации (оркестри, помали камерни состави, солисти…), организаторите, музичкиот дел го заокружија со концертна вечер посветена на македонското творештво и воедно, на македонската интерпретатива, олицетворени преку хорската уметност. Така, акустичниот простор на црковниот храм „Света Софија“, ја исполни музиката на македонскиот композитор Живоин Глишиќ, изведена од професионалниот мешан хор „Про Арс“, под диригентство на Сашо Татарчевски.

Во рамките на вака сочинетата, всушност, авторска вечер на Глишиќ, имавме можност да ја слушнеме изведбата на хорскиот циклус „12 месеци“, кое е едно од најновите дела на истакнатиот македонски композитор, кое пак, минатата година, наменски е напишано, токму за хорскиот ансамбл „Про Арс“. Имајќи ги предвид историјата и креативниот пат на хорот „Про Арс“, во една ваква констелација, веднаш се наметнува прашањето за одредена симболика во концертот – „12-те месеци“ на Глишиќ, кореспондираат со 12-те години постоење на овој хорски состав. Имено, хорот „Про Арс“ е формиран токму пред 12 години, од страна на диригентот Сашо Татарчевски, како резултат на потребата од ансамбл, кој со предзнакот на професионалноста и квалитетот ќе може да одговори на барањата на македонската хорска сцена. Составен од млади, мотивирани, вокално образовани хорски уметници, хорот изминативе години бележи низа самостојни концерти со уметничка хорска музика, презентирајќи широк репертоар, со различна жанровска определба, при што посебен акцент става на македонското хорско творештво. Со исправувањето пред најновиот предизвик – изведба на хорскиот циклус на Глишиќ, на охридската публика, која во голем број го посети овој концерт, ѝ се овозможи да восприеми една високо квалитетна композиторско-изведувачка креација.

„12-те месеци“ на Живоин Глишиќ, всушност, претставуваат циклус од дванаесет песни („Лилјано моме“, „Китен, накитен“, „Зошто ми се срдиш либе“, „Коце берберот“, „По друм одам мајче“, „Потрчано“, „Ни прела гора, ни ткала“, „Дервишко моме“, „Киниса да ода“, „Цветините очи“, „Давај ме мила мамо“ и „Калајџиско“), изнедрени од македонската фолклорна традиција, внимателно барани и пронајдени од страна на композиторот (некои познати, некои подзаборавени, а дел од нив и воопшто неафирмирани), кои тој ги обработува и преосмислува во едно ново руво, рефлектирајќи при тоа едно од неговите главни обележја – аранжерската мисла, со која продира длабоко во суштината на композициите, а преку што се огледува неговиот карактеристичен, јасно изразен композиторски јазик. Со посегнувањето по македонскиот фолклор за креирање на овој хорски циклус, Глишиќ, уште еднаш, сосема својствено за него, демонстрира голема почит кон музичката традиција. Тој ја зачувува фолклорната нит и во ниту еден момент не ја сквернави нејзината чистота, а со вешта имплементација на елементите на џез-музиката, но и класичниот приод, создава мошне сложена и повеќеслојна хорска партитура.

Дванаесетте, карактерно различни песни, композиторот ги подредува во една контрастна, бавно-брза низа, со што, всушност, генерира разнообразен музички тек. При тоа, секоја од нив ја гради со умешно водење на делниците, приоѓајќи му на вокалот со инструментален третман, формирајќи комплексни созвучја, истовремено отстапувајќи му доволно простор на секој глас.

Вака срочениот хорски циклус, своето адекватно озвучување го доби токму преку интерпретацијата на мешаниот хор „Про Арс“. Сигурно и прецизно раководени од диригентот Сашо Татарчевски, хористите прикажаа студиозно сработена програма, вокално пренесувајќи ја композиторската мисла на Глишиќ. Со својата изведба, презентираа висок професионализам, при што, секој хорист, со активната вклученост, претставуваше битен чинител на слоевитата звучна слика. Сите дванаесет дела беа изведени со подеднаква подготвеност и ист интензитет во пристапот, при што ансамблот изгради дванаесет приказни, обликувани со сите потребни белези. Слушнавме цврст, компактен звук, произведен од свежи, убави и јасно оформени вокали (во овој контекст, неминовно треба да се пофали и чистото издвојување на солистичките делници), а водството на Татарчевски оствари одлична гласовна балансираност, со многу вешто извлекување на потребните бои.   

Со изразита интонативна стабилност, мошне прецизна артикулација, динамички нијансирања и прелевање на гласовите, „Про Арс“ ги оствари сите барања на партитурите, па така, слушнавме сложени хармонски решенија, типични за авторскиот потпис на Глишиќ, изобилство од бујни контрасти и густа полифонија, гласовно напластување, наместа раскошно разработена лирика, наспроти хумористично – скерцоизно карактерно обликување, јасно исцртани елементи на класична фуга…

По сето она што ни го овозможи оваа концертна вечер, како од програмски, така и од изведувачки аспект, сосема оправдано и издржано, може да подвлечеме дека тоа беше вистинскиот избор за заокружување на музичката програма на овогодинешното „Охридско лето“. Воедно, нема да биде претерано и ако се заклучи дека со својот квалитет, творештвото на Глишиќ и изведбата на „Про Арс“, дефинитивно оставија белег во фестивалската меморија.

Александар Трајковски, музички публицист и педагог