Вечерва концерт за виолина и пијано со Климент Тодороски и Марија Вршкова

Реномираните македонски уметници, виолинистот Климент Тодоровски и пијанистката Марија Вршкова вечерва ќе имаат концерт во рамки на музичката програма на „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.

Климент Тодороски е роден 1984 година во Охрид. Музичкото образование го започнува во Охрид и Битола, а го продолжува на националниот музички конзерваториум во Тулуз,Франција во класата на професор Благоја Димчевски сѐ до 2002 година. Дипломира на ФМУ Скопје во класата на проф. Олег Кондратенко. Добитник е на повеќе државни и интернационални награди. Во неговите позначајни настапи може да се вбројат и настапите со светски познатиот пијанист Симон Трпчески, на концертната турнеја низ Македонија (2007- 2008), Велигденскиот концерт- Скопје (2008) како и настапот во седиштето на Обединетите Нации, по покана на претседателот Срѓан Керим. Климент Тодороски е солист на концертот со кој диригира светското чудо од дете диригентот Илич Ривас на фестивалот „Скопско лето“ во 2009. Соработува со композиторот Марјан Неќак и ги снима виолинските соло делници за неколку продукции на балети и театарски претстави во Загреб,  Марибор, Нови Сад и Скопје.

Климент Тодоровски работи како концерт-мајстор во Националната опера и балет од 2009 година.

Марија Вршкова е родена во Битола, таму го завршува основното и средното музичко образование. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност – Скопје со највисоката оцена cum laude, во класата на проф. Т. Светиев каде ги завршува и магистерските студии по пијано. Во текот на образованието е добитник на повеќе награди во рамките на поранешна Југославија, а нејзината најзначајна меѓународна награда е Трета награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим, Италија. Покрај неколкуте снимени ЦД-а со истакнатите македонски уметници, Ана и Олег Кондратенко, Блерим Груби, Страшо Темков,  во 2010 година, таа го снима и своето прво солистичко ЦД со македонска музика за пијано. Како солист и камерен музичар настапува во следните земји:  Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, Велика Британија, Украина, Италија, Бугарија, Русија, Америка, Србија, Австрија, Грција… Вршкова е дел од уметниците кои редовно настапуваат на реномираните фестивали кај нас, како „Охридско лето“, ДММ, „Златна лира“ и „Есенски музички свечености“. Како врв на нејзината уметничка дејност е наградата за специјално уметничко достигнување, добиена од страна на интернационалното жири на Интернационалниот натпревар „Охридски бисери“ во 2009 година, како и три награди „Виртуози“ за музички изведувач во 2013 година и две награди за камерен состав во 2015 и 2016 година. Во моментот Марија Вршкова работи како доцент при ФМУ- Скопје.