Врвно естетско доживување приредија за бројната публика на „Охридско лето“ виртуозот на виолина со светско реноме Стефан Миленковиќ и камерниот оркестар „Камерата Нови Сад“ од Србија вчеравечер на Долни Сарај во рамките на Српската вечер на фестивалот.
Српската вечер ја отворија директорката на НУ „Охридско лето“, м-р Наташа Поповиќ и министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ.
Како што истакна директорката Поповиќ, „Охридско лето“ е предизвик, секоја следна година да биде поголемо и позначајно, да се надополнува и надградува, како што рече, токму благодарение на поддршката што ја добива од Министерството за култура, од спонзорите и помагателите, но и од амбасадите во Република Северна Македонија преку кои успева да донесе плејада славни и реномирани уметници.
-Како директор, и вечерва сум горда што токму тука, на најубавата сцена, благодарение на Српската Амбасада во Република Северна Македонија ги имаме најголемите светски уметници кои ќе ја надополнат врвната уметничка вредност што ја негуваме со години. „Охридско лето“ со вечерашниот концерт „КАРМИНА БУРАНА“ со светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ и ансамблот „Камерата Нови Сад“, ќе понуди уникатност, совршенство и магичен амбиент. Во надеж дека нашата соработка ќе продолжи и следните години и заедно ќе ја градиме богатата културна традиција на „Охридско лето“ Ви изразувам искрена и огромна благодарност за поддршката која ни дава уште поголем мотив да ја негуваме љубовта кон уметноста но и да го градиме патот кон поголем културен развој, рече директорката на НУ „Охридско лето“, м-р Наташа Поповиќ.
Српскиот министер за надворешни работи , Никола Селаковиќ обраќајќи се во име на Владата на Република Србија и министерството на чие чело е тој, рече дека Охрид и „Охридско лето“ ги запознал пред 19 години кога како студент по право избегнувајќи ги летните белградски горештини дошол во Охрид и се нашол помеѓу публиката на фестивалот токму на Долни Сарај.
-Тогаш се родија и многу пријателства и кумства. Горд сум што вечерва ѝ се вратив на љубовта од младоста, а тоа се секако Охрид и „Охридско лето“. Овој фестивал ја слави културата, а културата не е култура ако зад неа не стои јазикот, рече Селаковиќ, кој своето обраќање го продолжи на македонски јазик.
Тој изрази посебна благодарност за организацијата на Српската вечер што ја организира фестивалот „Охридско лето“.
-Задоволството е дотолку поголемо што музичката уметност на Република Србија која има долга и богата традиција вечерва ќе ја претстави нашиот прославен виолинист Стефан Миленковиќ. Стефан е уметник од светска класа кому не му е потребен посебен вовед и чии настапи ширум светот ги воодушевуваат љубителите на музиката. Покрај него, годинава на фестивалската програма од Република Србија ќе настапат и балетскиот оркестар на Српскиот Народен театар од Нови Сад, пијанистот Александар Џермановиќ и виолончелистката Ирена Јосифоска, како и Народниот театар од Белград и Југословенскиот драмски театар со претставите „ Војна и мир“ и „Вујко Вања“, истакна српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ, најавувајќи го денешното отворање на Почесниот конзулат на Република Србија во Охрид .
Виолинистот Стефан Миленковиќ кој ужива светска слава, е поврзан со Охрид уште од мали нозе и секогаш, како што вели, се враќа со огромно задоволство.
-И приватниот и уметничкиот живот ми е исполнет со спомени од Охрид. Мојот прв концерт во Охрид беше кога имав 7 години и оттогаш многу пати сум бил во Охрид кој е неизбришлив дел од мојата лична и уметничка историја, кажа српскиот виртуоз со светско реноме Стефан Миленковиќ.
Српските уметници кои настапија синоќа на Српската вечер на „Охридско лето“, Стефан Миленковиќ и камерниот оркестар „Камерата Нови Сад“го изведоа атрактивниот проект „Кармина Бурана“ на музика од Карл Орф, а во режија на Ана Крстајиќ. Тие нѐ потсетија на творечкиот артизам на таткото на американската класична музика Џорџ Гершвин, изведувајќи ги неговите „Три Прелудиуми“, а ги отсвирија композицијата „Лето“ од Астор Пјацола, соодветна за летниот амбиент под ведрото небо над Долни Сарај, како и „Боемската рапсодија“ на Фреди Меркјури и групата „Квин“.