„Животот е…“ –приказна за трансформацијата на животот во денешната корпоративна и виртуелна стварност

Музичко – сценско уживање донесе вчерашната вечер на „Охридско лето“ преку Кабарето „Животот е…“  од Наташа Поплавска.

Новата приказна напишана од Ристо Вртев, а режирана и сценски визуелизирана од Поплавска се одигра на сцената „Долни Сарај“ на која настапија и извонредните визуелни уметници, видео дизaјнерот Дејан Матиќ и светло дизајнерот Милчо Александров кои ја создадоа сценската магија заедно со Поплавска, кореографката Олга Панго, со балетските солисти од Националниот Балет и познатата џез артистка Марија Димитријевиќ.

Преку животната приказна на кабаретската ѕвезда Сали Боулс(Марија Димитријевиќ), преку случките од некогашниот Берлински „Кит Кет кабаре клуб“, публиката имаше можност да ја проследи „трансформацијата на животот во денешната корпоративна и виртуелна стварност“.

-Сведочиме на едно време каде старите вредности исчезнуваат  а создаваме нови. Во тој временски процеп, новите кои се создаваат се уште не ги препознаваме како вредности. Преку призмата на тој широк општествен  контекст се провлекува приказната за Сали и нејзината егзистенцијална драма во која таа морала да се откаже од сопственото дете за да преживее. Приказната ја следиме преку песните на познатиот мјузикл „Кабаре“ , па се до музиката на „Крафтверк“, предвесниците на времето кое го живееме, вели режисерката Поплавска.

Позади извонредната македонска режисерка Поплавска стојат и успешните мјузикли „Чикаго” и „Мама миа”. 

-Ова мое ново кабаре „Животот е…“ се надевам дека на публиката на „Охридско лето“ и донесе уживање во препознатливите  сонгови и на еден забавен начин ѝ раскажа приказна која ги носи предизвиците на современиот живот, овде и сега. Станува збор за проект кој го работев во соработка со Ристо Вртев кој зборува за исчезнување на светот кој го познаваме  и преодот во нов цивилизациски контекст. Проектот го создадов преку моето Здружение за развој на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ и Националната Опера и балет со поддршка од нашето Министерство за култура, појаснува режисерката.

Наташа Поплавска е креативец од редок калибар а освен на мјузиклите кои привлекуваат огромен интерес кај публиката, таа е потписник и на театарски и балетски претстави.