Публиката на „Охридско лето“ ќе ужива во два сопрани и пијано

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе донесе два настани во катедралната црква „Света Софија“ .

Познатите сопранистки, сестрите-близначки Билјана Стафансон и Љилјана Јовановиќ  во пијано-придружба на познатиот уметник Марија Вршкова, со почеток во 20 часот и 30 минути ќе одржат концерт во рамки на Шведската вечер на фестивалот.

Близначките Стафансон и Јовановиќ се колоратурни сопрани кои публиката ги памети како „чудо од деца“ од времето кога на 9-годишна возраст на телевизија го исполниле дуетот  од Моцартовата „Волшебна флејта“. Двете честопати настапуваат заедно на европските сцени пеејќи на повеќе јазици. Нивниот богат концертен и оперски репертоар содржи дела од Белини, Шопен, Доницети, Моцарт и Верди, како и дела од нордиски и други композитори. Нивните изведби се високо оценети од страна на критиката, особено нивната брилјантна интерпретација, музикалност и извонреден висок регистар.

 

 

По завршувањето на концертот на сопранистките, во 22 часот, како дел од музичката програма на „Охридско лето “ ќе настапи Сандра Јакоповиќ од Србија.

 

 

Јакоповиќ е родена на Кипар, а започнува да свири пијано на 5-годишна возраст. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Белград. Освојува бројни награди и признанија од кои едно од најзначајните е „Гран При“ на натпревар во Женева кога имала само 10 години.