Со впечатлив драматизам и длабока емоција во изразот, вчеравечер моќно одекна гласот на една од најзначајните вокални уметници во Италија, сопранот Дариа Масиеро која настапи во пијано придружба на нејзиниот сонародник, пијанистот Андреа Кампора.
Тие на публиката ѝ овозможија прекрасно музичко патување со сериja арии од класичниот оперски репертоар, од Верди до Пучини и Маскањи, но и со романси и класични камерни канцони компонирани од Франческо Паоло Тости, Ернесто де Куртис, Станислао Гасталдон, како и од славниот Енио Мориконе кој почина пред две години, а во 2009 година го отвори 49-тото издание на „Охридско лето“.
Концертот што ја воодушеви бројната публика во црквата „Света Софија“ се одржа во рамките на традиционалната Италијанска вечер на фестивалот „Охридско лето“ што секоја година се организира со поддршка на Амбасадата на Италија во Република Северна Македонија.
Освен Амбасадорот на Италија во земјава, Андреа Силвестри, домаќин на вечерта беше и Амбасадорот на Франција во земјава, Сирил Бомгартнер.
-Некои од вас ќе бидат изненадени што ме гледаат мене, Амбасадор на Франција во Северна Македонија, а не мојот колега Андреа Силвестри, како презентирам вечерва. Меѓутоа постои и причина за тоа, која веднаш ќе ви ја објаснам. Во мај минатата година, Претседателите на Италија и Франција, две сестрински нации, обединети од долговековна историја, економски, општествени и културни размени, го потпишаа во Рим Квириналскиот Договор. Станува збор за историски развој на врските меѓу нашите две земји, обете основачки на Европската Унија, како реакција на потребата да се дадат силни одговори во однос на безбедноста, на економско и социјално ниво, но исто така и на план на животната средина, обезбедувајќи една подобро структурирана рамка на нашата билатерална врска во Унијата. За да дадеме симболичен знак за оваа обновена соработка и братство меѓу двете земји кои ѝ се блиски на Северна Македонија одлучивме да ги размениме презентациите на италијанската и француската вечер, рече Францускиот амбасадор Бомгартнер.
Амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри, најавувајќи ги италијанските уметници истакна дека музиката како универзален јазик е храна за душата, и е од особена важност во овие години, и како што рече, ни нуди засолниште и надеж за подобра иднина.
– Дариа Масиеро се смета за една од најзначајните гласови на современата оперска панорама. По дипломата стекната на рана возраст во Конзерваториумот на Алесандрија, со текот на годините се афирмира како изведувачка со многу ретка префинетост, женственост и сензитивност. Благодарение на нејзините технички способности успева умешно да алтернира меѓу оперските и драматичните елементи, со нагласена флексибилност која ѝ дозволува да ги одигра главните улоги во познатите опери на Пучини, Верди, Бизе, Перголези, Росини, Доницети, Белини, Моцарт, Леонкавало, Менделсон и Чајковски. И Маестро Кампора исто така ги започнува студиите на рана возраст стекнувајќи се со диплома по пијано на седумнаесет години и следствено по композиција и оркестарско диригирање, како и диплома по математика. Веќе долги години активно работи како професор на Конзерваториумот Џузепе Верди во Торино, и како пијанист придружник на оперски и хорски пејачи, што го носи да соработува со уметници со светска слава, рече Амбасадорот Силвестри, уверувајќи дека веќе одличните културни врски помеѓу двете земји, а особено со Охрид како град на УНЕСКО, ќе продолжат да се зајакнуваат и во иднина.
Ѕвездите на вечерта, сопранот Дариа Масиеро и пијанистот Андреа Кампора воодушевени од самиот фестивал и градот.
-Премногу сум среќна. Кога пристигнав не очекував дека ќе се сретнам со нешто толку убаво.Многу добро организирано, сѐ е фантастично овде, црквата, акустиката, организацијата. Многу сум благодарна за поканата, изјави Масиеро.
-Прекрасно е да се настапи во црква со одлична акустика. И пијаното беше извонредно. Ми беше задоволство што бев тука, додаде Кампора.
Музичката програма на „Охридско лето“ продолжува вечерва со исто така традиционалната Француска вечер на која ќе настапи квартетот „Агат“.