Ретки се случаите, на концертниот подиум да имаме можност да проследиме заеднички настап, во рамноправна улога, на ментор и студент. Токму таква прилика, со концертот на пијано дуото Кристијан Каровски – Мими Дучева, ни овозможи фестивалската програма на 62. „Охридско лето“. Кристијан Каровски, по повеќегодишната педагошка и концертна дејност, афирмирајќи се како респектиран пијано педагог и изведувач, со потполна доверба, најдобро познавајќи ги квалитетите на Мими Дучевска (студентка од неговата класа на Факултетот за музичка уметност во Скопје), ја одбра токму неа, како партнер во заедничкото музицирање, делејќи го подеднакво (физичкиот и звучниот) простор на клавијатурата.
Двајцата пијанисти, во ова концертно претставување, во музичка инсценација поставена на искуството и изградениот стил од една, и младоста и актуелното професионално моделирање, од друга страна, својата уметност ја создаваа преку композициите за четирирачно пијано. При тоа, нивниот настап беше сигурен и јасен, оставајќи впечаток на една природна кохерентност, проектирајќи размислувања на иста фрекфенција. Нивната усогласеност, заедничкото „дишење“ и заемно музичко познавање, беа карактеристики, присутни во текот на целото концертно течение, одбележувајќи го на еден начин самиот перформанс.
Во прекрасниот амбиент на црквата „Света Софија“, дуото Каровски – Дучевска се претстави со стандардна програма за ваков тип, составена од три бисерни дела од европската романтичарска и импресионистичка литература за четирирачно пијано. Несомнено, двајцата пијанисти покажаа одлично познавање на партитурите и темелна изработеност на материјата, артикулирајќи неколку интерпретативни блесоци, изразени пред сè, во динамичките нијансирања и обликување на музичките фрази.
Исполнувајќи го едно од најзначајните дела за пијано на Франц Шуберт, „Фантазијата во f-moll D. 940“, во неговиот автентичен начин на изведба (четирите става, без пауза), Каровски и Дучевска манифестираа прецизно и синхронизирано реагирање, оставајќи особен впечаток во суптилното оформување на фразите во пијано динамиката. Во тој контекст, треба да се издвои креативниот импулс во изведбата на каденцата, во пијанистичката литература вреднувана и како најдобрата каденца во целокупното творештво на Шуберт, преку која дуото успешно ја пренесе авторската замисла.
Следејќи ја линијата на интерпретацијата на Шубертовото дело, дуото пијанисти влегоа во раниот творечки период на Сергеј Рахмањинов, изведувајќи ги „Шесте пиеси оп. 11“, при што, повторно, не можеше да остане незабележана нивната музичка поврзаност и беспрекорна комуникација. Во ова остварување, особено се истакнаа во градењето на кулминацијата во првата пиеса, „Баркаролата“, обединувајќи ги брзите фигурации во високите регистри, со типичната Рахмањинова моќна и полна акордска фактура во длабоките; во третата, „Руската тема“, со варијацијата на темата во високите, наспроти брзиот шестнаестински контрапункт во длабоките регистри; како и во последната, „Слава“, со чии варијации, го моделираа величествениот крај на делото.
Концертното претставување, пијанистичкото дуо Каровски – Дучевска го заокружија со „Валсот“ на Морис Равел, со технички, прецизно изработената богата и раскошна партитура, потврдувајќи ги впечатоците добиени од изведбата на претходните две композиции.
Изборот на Рахмањиновата „Италијанска полка“ за бис, беше во духот на целокупниот програмски концепт, во кој можеби добро ќе се вклопеше и дело од богатата литература за четирирачно пијано, кое со виртуозноста на уметниците, ќе ја постигнеше кулминацијата на концертот.
Со реализацијата на овој настап, Каровски и Дучевска сериозно го потврдуваат навлегувањето во концертниот простор во земјава и регионот, како пијанистичко дуо. „Охридско лето“ пак, го продолжува трендот на негување на македонските уметници, како еден од мошне значајните сегменти на фестивалското делување.
Александар Трајковски