Возвишен оперски артизам на Ѓиновска –Илкова и Цуцковски

Во прекрасниот и акустичен амбиент на црквата „Света Софија“ вчеравечер моќно одекнаа гласовите на познатата оперска певица Весна Ѓиновска-Илкова и на тенорот Ѓорѓи Цуцковски кои настапија во пијано придружба на една од најталентираните македонски млади пијанисти Кристина Светиева.

Двајцата извонредни оперски пејачи  со восхитувачка емотивна интерпретација изведоа дела од  германски, италијански , француски и руски композитори.

– Станува збор за една универзална програма која со Кристина ја изведовме на концертот. И покрај големите скопски горештини, успеавме во изминатиот месец и половина да ја направиме како што треба и се надевам дека и публиката  уживаше во концертот. Ѓорѓи е еден прекрасен колега со кого сме работеле многу претстави, многу премиери, а овојпат го поканив зашто сметав дека во времето кога беше корона и кога немавме настапи, ни се пружи шанса да можеме да настапиме на фестивалот. И досега сме настапувале но во склоп на театарот.  Самостојно, изјави оперската дива Весна Ѓиновска-Илкова која по седум години повторно настапува на „Охридско лето“ со нејзината пијанистка  Кристина Светиева.

Извонредниот македонски тенор Ѓорѓи Цуцковски се претстави со соло песна од Рахмањинов, една оперска арија, а со Ѓиновска Илкова отпеаја дует од претставата „Кавалерија Рустикана“, претстава којашто е нивни заеднички оперски фах и често ја исполнуваат заедно.

-Особено ми е чест и задоволство што сум специјален гостин на нашата најголема оперска певица Весна Ѓиновска-Илкова. Со Весна сме  колеги повеќе од 15 години, се делеле  многу премиери на сцената на МОБ, имаме многу интернационални заеднички гостувања и посебна чест ми е што конечно заедно ќе се претставиме пред публиката на „Охридско лето“, рече тенорот Цуцковски кој пред  три години на „Охридско лето“ беше гостин  на светски познатата Инва Мула.

Музичката програма на „Охридско лето“ ќе продолжи утревечер со концерт на чешкото трио „Инсендио“.