Музички времеплов со дела од различни епохи приредија вчеравечер на „Охридско лето“ српските уметници Андрија Минчиќ на кларинет,Тадија Минчиќ на фагот и Никола Цветковиќ на пијано настапувајќи на подиумот во акустичната катедрала „Света Софија“.
Младиот Андрија Минчиќ во својата солистичка кариера има одржано повеќе од 200 концерти во Србија и странство и е носител на бројни награди и признанија. Освен тоа, тој остварува и педагошка дејност како професор по кларинет и група други предмети на одделот за дувачки инструменти на Факултетот за уметности во Ниш. Минчиќ како саксофонист свири повеќе различни жанрови, џез, поп, фанк, рок и електронска музика, а со својот проект „Сакстајм“ ја освои светската публика преку социјалните мрежи и јутуб канали.
-На „Охридско лето“ донесовме фрагменти кои нè водеа низ епохите и временските раздобја, гледавме да покриеме дела кои се фундамент во класичната музика. Сметаме дека треба да се излезе од стандардните шаблони и на публиката да ѝ се овозможи и интерактивна содржина за да се почувствува дека и таа е дел од кругот во којшто свириме ние. Врз таа основа ја креиравме и програмата за фестивалот, рече Андрија.
Концертот на „Охридско лето“ ги соедини браќата Минчиќ на концертниот подиум по пет години од нивниот последен настап во Истанбул.
-Среќен сум што по пет години повторно свирам со мојот брат Тадија. Колегата Никола Цветковиќ е фантастичен пијанист со кого соработувам на факултетот со години. Соработувам и со многу македонски колеги, но првпат настапувам на „Охридско лето“, фестивал кој е пример за сите нас, додаде кларинетистот Минчиќ.
Концертната вечер со српските уметници започна со Сонатата за фагот G-dur оп.168 од Камил Сен-Санс, а продолжи со Сонатата за пијано трет став од македонскиот композитор Гоце Коларовски. На вчерашниот репертоар беа изведени и Кончертиното за кларинет од Анте Гргин, како и Триото за кларинет, фагот и пијано „Гасенхауер трио“ од Бетовен.