Актерите од Македонски народен театар, Скопје вчеравечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ во рамки на 62-то „Охридско лето“ ја изведоа театарската претстава „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен во режија на Нина Николиќ.
Иако првпат објавена пред 140 години, драмата совршено кореспондира со кризата со која нашето општество повторно се соочува — преку исклучувањето на докторот Стокман(Никола Ристановски) од заедницата, Ибзен вешто го разоткрива општествениот конформизам и политичкото користољубие, покажува механизам со кој секој поединец што прави обид да зборува за системска неправда, автоматски го карактеризира како предавнички и заговорнички.
Доктор Стокман е парадигма на современиот ангажиран маж, но тој е и идеалист кој верува дека промената е можна, и дека моменталното жртвување е неопходно, без разлика колку е тоа болно. Можеби на почетокот несвесен за последиците и проблемите што ќе му ги донесе неговиот бескомпромисен став, и покрај ударите што му ги нанесе општеството, предводени од владејачката политичка структура и нестабилните новинари, доктор Стокман низ предизвици и падови, созрева и ги зајакнува, ги освестува и ги зацврстува своите крајни цели.
-Процесот на создавање на самата претстава течеше стрпливо и систематично. Имавме доволно време да ја анализираме оваа важна приказна на овој важен автор. Нема да навлегувам во тоа дали сме направиле добра или лоша работа, но ми се чини дека во суштина сме направиле точна работа. Тоа ми е главното чувство, а тоа секогаш се случува кога човек работи со креативна, стрплива и даровита екипа. Ова е втор проект што го работам заедно со горе-долу истата екипа. Секој режисер којшто посветува доволно време и којшто покажува доволна аналитичност, стрпливост и консеквентност, секогаш заслужува внимание. Мислам дека и во овој случај е така, изјави актерот Никола Ристановски.
Покрај Ристановски, публиката имаше можност да ужива и во извонредната актерска игра на Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска, Благој Веселинов, Сашка Димитровска, Александар Михајловски, Нино Леви и Мартин Ѓоргоски.
Вчерашната театарска претстава отвори и важна дилема и во актуелните еколошки борби — како да се третира нешто што од една страна е извор на загадување и зараза, а од друга, главен (честопати единствен) извор на приход за поголемиот дел од населението.
„Народен непријател“ е една од најизведуваните драми од овој автор кој се смета за „татко на модерната драма“. До денес има над 1880 премиери на различни сцени низ светот: Европа, Азија, Африка, Австралија, Северна и Јужна Америка.