Фестивалот „Охридско лето“ потполно заслужено го носи епитетот најзначајна музичко-сценска манифестација во нашата земја. Но постојаната потрага по врвни уметнички достигнувања од сите сфери на уметноста, со особен нагласок на претставување квалитетни концертни остварувања, несомнено придонесува „Охридско лето“ да биде препознатлив македонски бренд од областа на културата и фестивал со светско реноме.
Многуилјадната публика, вљубеници во музичката и драмската уметност што ја имаа привилегијата во целост, или барем делумно да го следат годинешното шеесет и второ „Охридско лето“, можеа да се уверат дека да се стигне до врвно фестивалско издание е сложен процес, полн со предизвици, но да се одржи високото ниво на квалитетот е особено тешка мисија. Зашто во морето „уметнички продукти“ што ги нуди современиот свет, да се одберат вистинските уметнички вредности, достојни за реномето на нашето „Охридско лето“ е провокација и уметност сама по себе. Креативниот тим на фестивалот, особено во последниве изданија, приредува постојани програмски изненадувања, со што го задоволува вкусот и на најпробирливата публика. А да се пренесе духот на „Охридско лето“ што вообичаено го чувствуваме во летните месеци под сводовите на „Св. Софија“ или под ѕвездите на Античкиот театар, со одлична концертна вечер во Скопје, во предвечерјето на новогодишните празници, претставува здив на свежина во скопската зима во месец декември и своевиден празник за публиката.
Концертот на германскиот гудачки квартет „Диогенес“ што се одржа на 15-ти декември во фоајето на Националната опера и балет во Скопје, претставуваше круна на низата квалитетни музички настани што го одбележаа годинешново шеест и второ „Охридско лето“. Со пригодни обраќања, директорката на националната установа Фестивал „Охридско лето“ – Наташа Поповиќ и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска ја поздравија присутната публика, нагласувајќи го извонредното значење на фестивалот во креирањето врвни уметнички дострели во областа на културата кај нас. Ние ќе истакнеме дека идејата за изнесување на „Охридско лето“ надвор од „охридските концертни подиуми“ е одлична и е за поздрав.
Прелистувајќи ја богатата биографија на ансамблот „Диогенес“, може да забележиме дека станува збор за состав кој од 1998 година делува во Минхен, Германија, има исклучително богата концертна активност ширум светот, со репертоар што опфаќа дела за гудачки квартет од класично-романтичната епоха, но и посебен фокус кон изведбата непознати современи композиции. Покрај тоа, дејноста на „Диогенес“ – квартетот содржи уметнички работилници со млади уметници, соработка со џез – музичари, дискографија, концерти за деца и хуманитарна дејност.
За свечениот новогодишен концерт во Скопје, како дел од програмата на „Охридско лето“ ансамблот се претстави со цврст и сериозен програмски концепт сочинет од гудачките квартети „Кајзер-квартет“ оп.76 во Це-дур од Јозеф Хајдн и оп.51 бр. 2 во а-мол од Јоханес Брамс, како и делото „Пет пиеси за гудачки кавртет“ од чешкиот композитор Ервин Шулхоф.
Со потсетување дека гудачкиот квартет и во смисла на камерен состав и како музичка форма, од појавата во стилистиката токму на Јозеф Хајдн па до денес, секогаш претставувал предизвик за репродиктивните уметници, но и особен тест за композиторската умешност и една од најважните форми во историјата на класичната камерна музика.
Беше задоволство да се присуствува на концертот на овој гудачки ансамбл. Зашто уметниците со својот настап покажаа врвно познавање на уметноста на камерното музицирање и тоа токму во еден таков софистициран облик каков што е гудачкиот квартет. Вовед во концертот беше едно од најпознатите дела на Јозеф Хајдн, (во историски контекст токму основоположник на формата и уметноста на музицирање во гудачки квартет), познатиот „Кајзер-квартет“. Уште на самиот почеток, во првиот став Allegro, уметниците Стефан Кирпал и Гундула Кирпал на виолина, Алба Гонзалес и Бецера на виола и Стивен Ристау на виолончело, го започнаа настапот со изразита уверливост, оставајќи впечаток на искусни, меѓусебно поврзани и усогласени музичари. Со сигурен и изедначен „штрих“ ја претставија токму супериорноста на Хајдн во медиумот наречен гудачки квартет. Зашто неговата улога како создател на меѓуинструменталната конверзација е непрокосновена и е толку типична во магичните „разговори“ што тој ги компонира и се одвиваат меѓу виолините, виолата и виолончелото. Сонатното Allegro во изведба на „Диогенес“ звучеше отмено, во полна убавина со сите звучни асоцијации на ловечки хорни, весели народни танци, а сето тоа изведено во елегантен и ефектен манир. Посебно беше задоволство да се доживее изведбата на познатиот втор став од „Кајзер квартетот“ запаметен во историјата на музиката по контравезите околу германската национална химна, а во основа совршена тема со варијации и благородна музика што во себе крие длабоко хуманистичка порака. Со неверојатна умешност, едноставно беше „видливо“ како уметниците го привлекоа вниманието на публиката што со нескриено задоволство уживаше во секој миг од прекрасната музика. Слоевитата структура на мајсторски креираните варијации, ни ги претстави членовите на „Диогенес“ квартетот низ солистичките пројави во кои ги откривме сите топли скриени бои и уметничкиот сензибилитет на секој од нив. Првата виолина на Стефан Кирпал доволно наметлива, сепак во служба на цврстата архитектоника на ансамблот, втората виолина на Гундула Кирпал, грациозна, музикална и допадлива, виолата на Алба Гонзалес, делумно меланхолична и воздржана и виолончелото на Стивен Ристау, со моќна длабочина и префинето вибрато.. едноставно беспрекорен спој… Интерпретацијата на овој познат став ни ги долови сите полифони и канонски еха во мека и софистицирана динамика полна со префинети нијансирања. Во третиот став – Менует, прозвучи карактеристичниот танцувален ритам и складно избалансирани куси весели фрази како и по малку меланхоличното Трио. Виртуозното Финале, пак ни го претстави раскошниот капацитет на искусните и исклучително надарени музичари, кои комплексната музичка фактура ја пренесуваат со една фина леснотија својтвена за големите музички мајстори.
Во целина, со инспиративната изведба на ова дело со интригантен наслов „Император“, квартетот „Диогенес“ оствари брилијантен приказ на виенскиот класицизам со сиот негов сјај, од една страна, и наспроти тоа внатрешните гласови во музиката на Јозеф Хајдн, на прв поглед со интенција да се јакне германскиот национален идентитет, сепак со музичка убавина која трансцендира над тоа и всушност во себе носи универзална порака за хуманост.
Како втора точка на концертот ги слушнавме „Петте пиеси за гудачки квартет“ од чешкиот композитор Ервин Шулхоф, своевидна авангардна реминисценција на барокна свита што обединува пет видливо шеговити, на моменти и гротескни алузии на виенски валцер, серенада, чешки народен танц, танго-милонга и наполитанска тарантела. Уметниците од квартетот „Диогенес“ со изразита енергичност нè поведоа низ ова живо и разнобојно музичко патување. Нагласувајќи ја сета ритмичка комплексност и специфика на по малку ироничните танци, со извесни алузии на маниризмот на Прокофјев, а сепак доволно автентични, ни го открија јазикот на овој интересен, но несреќен музички лик – Ервин Шулхоф, подзаборавен во историјата на музиката делумно и како жртва на фашизмот.
Спецификата на интерпретацијата во „Пиесите“ беше презентација на сите скриени микро артикулациски детали, остри синкопирани бравури во стакато брзи темпа, поединечно „дотерани“ во секој од инструментите, вткаени во една компактна целина. А тоа секако од изведувачите бара максимална ритмичка кохерентност и техничко совршенство, за пиесите да звучат лежерно и допадливо. Интензитетот на чешкиот танц, „раскалашноста“ во тангото или „ѓаволската“ Тарантела во престисимо, сеедно, во изведба на „Диогенес“ квартетеот и за помалку упатените, ова беше приказ на одличен сегмент од тверештвото на Ервин Шулхов во беспрекорен стил!
Како завршна нумера на концертната вечер, уметниците го отсвиреа вториот гудачки квартет во а-мол од Јоханес Брамс, повторно едно комплексно дело, што произлегува токму од извориштата и традициите на квартетите од Хајдн, Бетовен и Шуберт и претставува одраз на неговото непрсушно трагање по идеален баланс во музиката. Во првиот став Allegro non troppo ја слушнавме раскошната типично „Брамсовска“ романтична тема во топла интерпретација на „Диогенес“. Уметниците многу сплотено ги изведуваа ритмичките разидувања, споевите на дводелна и троделна метрика звучеа природно, флуидно и ни овозможија да го доживееме лиризмот на Брамс во прекрасната музика. Вториот и третиот став, напишан во дискретен стил на Шуберт, органски длабоко поврзани со првиот, беа приказ на медитативно расположение, длабоко и суптилно отсвирени фрази и богата полифонија. Во финалето, повторно прозвучија солистичките перформанси на секој од уметниците во една хомофона динамична структура што ни ја покажа и симфониската компонента на оваа по многу нешта брилијантна композиција од имагинативниот свет на Јоханес Брамс. Кодата во Vivace presto, претставуваше завршна демонстрација на маестралната виртуозност на квартетот. А како јаогтка за крај, уметниците нè почестија со еден суптилен „encore“: „Обливион“ од Астор Пјацола што го изведоа разгалено и со шарм.
Неодминливо треба да нагласиме дека во сферата на класичната музика имаме ретка можност да слушнеме толку сугестивен настап на гудачки квартет што со таква лежерност ја пренесува сопствената емоција и радост на музицирање. Овие навистина големи уметници создадоа совршен естетски чин и ја облагородија публиката на концертот. Нивниот настап беше избалансиран спој на солистичка индивидуалност и цврста ансамблова поврзаност. Во таа смисла ја пренесуваме забелешката на друго рецензентско перо што токму „спојот што ги навел овие четири вдахновени уметници да музицираат заедно е многу силна и среќна околност“!
Уметниците од гудачкиот квартет „Диогенес“ ја покажаа уникатната возвишеност на музицирање во гудачки квартет. Тоа е креација во која подеднакво уживаат и изведувачите и публиката.
Во годинава што одминува концертот на „Диогенес“ квартетот беше вечер за паметење, со богата содржина и одлично заокружување на извонредното шеесет и второ издание на фестивалот „Охридско лето“, а воедно и оптимистичка најава за годината што е пред нас. Веруваме ни претстојат бројни нови музички откритија и следното лето.
Викица Костоска Пенева