Фестивалскиот репертоар на 63-тото „Охридско лето“ вечерва ќе донесе концерт на Франк Дупре Триото од Германија и изложба на фотографии од Александар Томовски.
Во стандардниот фестивалски термин од 21 часот, во црквата „Света Софија“, триото составено од Франк Дупре на пијано, Јакоб Круп на контрабас и Оби Јене на тапани ќе изведе дела од Николај Капустин, Морис Равел и Леонард Бернштајн.
Полни со љубопитност и виртуозност, со леснотија и изразена емпатија, тројцата меѓународно познати уметници од триото на Франк Дупре лесно успеваат да ги надминат наводните жанровски граници.
Претходно, во 19 часот и 30 минути во Предворјето на црквата „Света Софија“ ќе биде отворена изложба на фотографии со наслов „Над кулисите“ од Александар Томовски.
Томовски е роден 1985 година во Скопје. Тој е софтверски инженер, но и фотограф и филмаџија. „Над кулисите“ (Above the curtains) претставува колекција фотографии која во континуитетот го следи авторот и неговите фасцинации од сцената на Националната опера и балет, доближувајќи нѐ до балетот и балерините доловени од птичја перспектива.
Во 2022 година ја отвори својата прва самостојна изложба насловена: „Над кулисите“, во Младински културен центар – Скопје, а во мај годинава во фоајето на Националната опера и балет се претстави со изложбата „1001 приказна“ во рамки на фестивалот „Мајски оперски вечери“.