Уникатното доживување со португалска национална песна, со традиционална фадо музика понуди вчеравечер фестивалот „Охридско лето“ одбележувајќи го својот 63-ти роденден.
На сцената Долни Сарај фасцинираше изведбата на извонредниот вокал на Португалката Жуана Амендоира придружувана од Педро Амендоира на португалска гитара и Жуао Фелипе на фадо гитара.
Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ во својот пригоден говор по повод роденденот на фестивалот истакна дека „Охридско лето“ цели 63 години чекори по патот на успехот покажувајќи го сиот свој сјај.
-Со секој настан, со секој концерт, со секоја претстава докажа дека е столб на македонската култура и традиција. Настан за почит кој успева да ги собере и обедини уметностите од целиот свет. Со достојна почит, чекорејќи по стапките на Ана Липша Тофовиќ, Фестивалот „Охридско лето“ и древниот Охрид и понатаму ќе бидат креативна сцена за врвната уметност. Мост за културно поврзување и негување на уметничките и духовни вредности, рече директорката Поповиќ.
Жуана Амендоира е една од најрелевантните претставници на таканаречената „нова генерација на фадо уметници“. Верна на традиционалната основа на фадото, нејзиниот глас ѝ дава нов живот и нова смисла на оваа специфична вокална форма. Таа е горда претставничка на суштинската традиција на фадо, зачувувајќи ја неговата форма, но давајќи ѝ специфична индивидуалност поради што денес, се вбројува во ретките и препознатливи изведувачи на португалската национална песна.