Театарската претстава „Едвард Втори“ од Кристофер Марлоу, во режија на Андриј Жолдак, а во копродукциска изведба на актерите од НУЦК Театар „Јордан Х.К.Џинот“ од Велес и Драмски театар „Масалтинов“ од Пловдив, Бугарија вчеравечер премиерно беше изведена во рамки на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“.
Претставата имаше неколку различни насоки но главната насока беше приказната за „Едвард Втори“ во драмата на Марлоу, проследена од „Ричард II“ на Вилијам Шекспир. Во драмата се обработуваа темите како татко и син, отсуството на мајката, мотивите на моќта и луксузот а со тоа и прекумерното уживање, енергијата на младите луѓе и нивната дирекност, бракот на Едвард, создавањето семејство, некомпатибилноста, како и промената на сексуалната ориентација на Едвард и неговата страсна љубов кон мажите.
Директорот на НУЦК „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ и драматург на претставата, Сашо Димоски, вели дека на овој проект се работело макотрпно цели два месеци, како што појасни, во услови и на начини кои ги надминуваат рамките на она што досега било поимање на создавањето театарски претстави. Според него, преку интензивен и многу жесток процес, завршниот резултат е поразличен од сето она што Велешкиот театар го продуцирал досега.
– Театарот на Андриј Жолдак почива на ирационалното, на манифестација на потсвеста преку создавање автентичен говор на телото во криза. Но, од една страна само. Од другата страна, маркер на неговиот ракопис е длабокото промислување на psihis-от на ликот и неговата реализација во концептот за актерската игра. Од трета страна, тој создава партитури преку поврзување отсечки во секвенците кои го градат мизансценот и нивно монтирање во целина на изведбата, поимајќи го притоа мизансценот како доминантен тип текст. „Едвард Втори“ е синтеза на овие постапки, а особеноста на прочитот на пиесата на Марлоу стои во вртењето на оптиката од насловниот лик кон ликот на Изабела де Валоа, сопругата на Едвард Втори, како и во интерпретацијата на ликот на Едвард преку двајца актери, вели Димоски.
Во претставата играа Борис Крстев и Илин Јовановски, Јована Миладинова, Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Бранко Михајлоски, Кире Ацевски, Никола Петковиќ, Сандра Танчева, Марија Баркова, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски и Тодор Стојковски. Сценографијата ја изработија Андриј Жолдак и Даниел Жолдак, а костимите беа на Симон Мачабели и Раде Василев. Ова е трета соработка на режисерот Андриј Жолдак со македонски актери, по постановките на „Електра“ и „Соларис“ во МНТ.