Реномираното камерно трио „Аура“ вчеравечер приреди вистинско уживање за публиката на фестивалот „Охридско лето“ одржувајќи концерт во црквата „Света Софија“. На репертоарот беа дела од Лефевр, Доницети, Коетсиер, Шокер, Бифтинк, но и композицијата „Ој ти момче, охриѓанче“ од Иван Терзиев во аранжман на Владимир Димовски.
Пијанистката Ана Гацева, флејтистот Страшо Темков и фаготистот Марјан Милошевски обединети во ова камерно трио покажаа изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот.
Како етаблиран состав на концертните подиуми во нашата земја, но и надвор, во пошироки рамки, „Аура“ редовно промовира и премиерни дела од македонски композитори напишани специјално за нив.
-Нашето трио веќе една деценија се заложува да претстави квалитетна и интересна програма во и надвор од нашата земја. Важен дел од нашата мисија е да претставуваме дела и од наши композитори, бидејќи соработката со нив и промоцијата на македонскиот композиторски опус за нас е од непроценливо значење. Низ годините, соработувавме во композиторот Кокан Димушевски, кој напиша сериозно обемен опус само за нашето трио. Австралискиот композитор оп македонско потекло, Мајкл Бакрнчев неодамна ни посвети композиција, а на овој концерт прозвучи прекрасната обработка на нашата народна песна „Ој, ти момче Охриѓанче“ во обработка на Владимир Димовски. Секогаш е чест и радост да се свири музика создадена од наши творци, особено кога ќе придонесеме таа да зазвучи на подиумите и надвор од нашата земја, вели пијанистката Гацева.
Триото „Аура“ има богата концертна активност во и надвор од нашата земја изведувајќи дела од сите музички епохи и стилови, а годинава одбележува јубилеј, една деценија од формирањето.
-Триото „„Аура“ оваа година прославува 10 години од своето постоење. Со огромен број на концерти реализирани на наши и меѓународни фестивали, со една прекрасна соработка и заеднички споделена музичка визија, продолжуваме со настапите. По концертите во Битола и Кавадарци, среќни сме што јубилејот го прославуваме и на „Охридско лето“, а во ноември следи концерт на триото на покана на меѓународниот фестивал НИМУС, Србија, додава Гацева.
Тројцата професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје, Гацева, Темков и Милошевски, обединети во триото „Аура“, досега имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во Америка, Франција, Германија, Швајцарија, Белорусија, Австрија, Англија, Бугарија, Азија, Африка, Србија, Словенија за кои добиваат позитивни оценки. Критиката ги нарекува и „мајстори на својот инструмент“.