Водечкиот светски виртуоз на инструментот уд, Џозеф Тавадрос, вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“ ќе одржи концерт во рамки на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“. На репертоарот ќе бидат негови авторски композиции.
Тавадрос е водечки виртуоз на инструментот уд, композитор и добитник на седум награди „Арија“ кои ги доделуваат претставниците на музичката индустрија во Австралија.Роден е во Каиро, неговата инструментална определба е инструментот уд, еден вид арапска лаута, претходник на лаутата и модерната гитара.
Виртуоз во вистинска смисла на зборот, не само според неговите технички можности туку и со неговата разновидност и чувствителност, Тавадрос настапува во концертните сали ширум светот поместувајќи ги границите на музичката изведба, и делејќи ја сцената со бројни изведувачи во интерпретација на иновативна, оригинална музика. Настапува како солист или во дуо со неговиот брат Џејмс на египетски перкусии, како и со неговиот џез квартет или како солист со камерни и симфониски оркестри.
Досега ги има изведувано сопствените композиции со Австралискиот камерен оркестар, Симфонискиот оркестар на Би-Би-Си, Симфонискиот оркестар на Аделаида, Националниот оркестар на Украина, Камерата Салцбург, а неговиот Концерт за уд и симфониски оркестар кој го изведе со Симфонискиот оркестар од Сиднеј е поместен на издание на АБЦ класикс во 2019 година. Досега тој е првиот и единствен австралиски музичар чије дело е изведено од страна на Академијата за стара музика во Велка Британија. Има снимано музика со бројни џез музичари: Џон Аберкромби, Рој Ејрс, Џек де ЏОнет, Бела Флек, Мајк Стерн, Џои де Франческо, Ричард Бона и Кристијан Мекбрајд. Во светот на класичната музика се издвојуваат неговите соработки со Ричард Тоњети, Вилијам Бартон, Браќата Григоријан, Кристијан Линдберг и Андреас Шол. Негови изведби можат да се слушнат на повеќе филмски и телевизиски остварувања. Оваа година Тавадрос настапи на отворањето на Светскиот економски форум во Давос, а од страна на Бритн Синфониа во Англија премиерно ќе биде изведено неговото дело „ Три стадиуми на ретроспектива“. Тавадрос е избран да биде еден од 50 композитори кои ќе напишат фанфар во чест на 50-годишнината на Сиднејската опера. Во 2016 година, Џозеф Тавадрос е одликуван со орденот на Австралија за неговиот придонес кон музиката.