Кон самиот крај на реализацијата на предвидената музичка програма, фестивалот „Охридско лето“ приреди концерт, на кој подиумот ѝ го отстапи на младата движечка сила на македонската културна сцена. Овој пат, својот дебитантски настап на фестивалот, со целовечерен рецитал во црквата „Света Софија“, го имаше пијанистката Мимоза Ќека, чија биографија, доста ветува и ја става во редот на оние млади уметници кои ја заслужуваат довербата. Имено, таа досега настапувала како дел од камерни ансамбли, пијано дуо и симфониски оркестри, а има „впишано“ и солистички настапи на меѓународната сцена, концертирајќи во Прага, Рим, Париз, Милано, Њујорк и тн. На домашната сцена пак, бележи учества на најреномираните фестивали, како „Денови на македонска музика“, „Есенски музички свечености“, „Златна лира“… Носител е на повеќе награди и признанија од државни и меѓународни натпревари, а се стекнува и со квалитетно образование, што ја чини еден од најмладите пијанисти, доктори на науки од областа на музичката уметност, кај нас.
Ваква осмислената и спроведена програмска политика, од стручната, но и од пошироката јавност, секогаш е акламативно дочекувана, бидејќи младите уметници кои целиот свој потенцијал го вложуваат во создавање и градење на уметноста, треба да ја имаат можноста за зачекорување и на големите сцени. Токму таа, млада енергија, е иднината врз која подоцна ќе се потпре растот на македонската култура и уметност. Говорејќи пак, во насока на дебитантските настапи на вакви, габаритни сцени, се наметнува и дискусијата за сите ризици кои тоа, со себе ги носи. Големината и тежината, метафорички кажано, на фестивалската сцена на „Охридско лето“, пред уметниците (особено, младите), колку што претставува предизвик, толку може да претставува и товар, кој обременува со прашањата и дилемите во однос на позитивното искористување на дадената шанса, оправдувањето на очекувањата и тн. Во една мозаична целина, покрај сериозната едукативна позадина, техничката подготвеност и студиозниот пристап во работењето, еден од клучните чинители за градењето на целата слика е и (не)искуството.
Секако, она што е есенцијално, е и вистинскиот избор на програмата. Во ова концертно претставување, Мимоза Ќека, се чини дека пристапила преамбициозно, одбирајќи мошне сложена програма, што меѓу другото, не ѝ овозможи до крај да ги прикаже својот капацитет и потенцијалот со кој располага. Може да се резимира дека концертот беше во рамките на прифатливото, а веруваме дека ќе беше подобар, со поинаква програмска содржина од понудената. Имено, таа се претстави со крупни дела од пијанистичката литература, кои своите интерпретациски и технички барања ги поставуваат на високо ниво. Најнапред, Бетовеновата Соната бр. 18 оп. 31 бр. 3 во Es-dur, наречена „Лов“ и нејзините пријатни и весели расположенија кои со целата комплексност за нивно доловување провејуваат во сите четири става, а со која го започна концертот и повеќеслојната и густа Соната во h-moll, на Франц Лист, со која го заокружи официјалниот дел. Помеѓу нив, гo изведе циклусот „Во маглите“, последното позначајно дело за соло инструмент на Леош Јаначек, кадешто всушност, Мимоза Ќека најдобро ги презентираше своите способности. Воедно, треба да се подвлечат и поздрават идејата и потфатот, воопшто, за поставување на ова дело во концертниот репертоар, што претставува своевидно освежување со ретко изведувани композиции кај нас. Во средишниот дел на целовечерниот перформанс, Ќека ја изведе и романтичната и по малку жестока „Баркарола оп. 60“ на Фредерик Шопен, која се смета за едно од неговите последни епохални композиции. На крајот, за бис, го отсвире ноктурното „Не си го продавај Кољо“, од циклусот на Димитрије Бужаровски, кадешто оствари убав впечаток, обликувајќи го музичкиот тек со сите интерпретациски потребности.
Мимоза Ќека е уметник во кој се препознаваат цртите на добрата едукација и техничка подготвеност и веруваме, дека со сите елементи на нејзината музичка личност, ѝ претстои успешна кариера.
Александар Трајковски, музички публицист и педагог