Прекрасен концерт во „Света Софија“со виолинистот Марковиќ и пијанистката Шуловиќ
Фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер во црквата „Света Софија“ приреди концерт за виолина и пијано со српските уметници Владимир Марковиќ и Јулијана Шуловиќ.
Виолинистот Марковиќ и пијанистката Шуловиќ освен соло кариерата, музицираат и како дуо, подолго од три децении, уште од времето кога и двајцата биле студенти на престижниот конзерваториум „Чајковски“ во Москва.
Изборот на композиции се вклопи мошне добро во духовниот амбиент на црквата „Света Софија“, а српските уметници изведоа и едно дело во чест на големиот македонски актер, режисер, сценарист и продуцент, Љупчо Тодоровски-Упа кој на почетокот од годинава почина како последица на КОВИД-19.
-Заради целокупниот простор каде што свиревме, заради оваа прекрасна црква одлучив првиот дел од концертот да биде барокна музика, Хендловите сонати, а за крај, романтичната соната од Франк. Како изненадување за публиката, беше композицијата „Пуста земја“ од Дражан Косориќ која му ја посветивме на еден мој многу драг пријател од Скопје, актерот Љупчо Тодоровски-Упа кој за жал, како последица на коронавирусот го нема повеќе меѓу нас. Беше чест да го познавам, рече виолинистот Марковиќ.
Марковиќ е подеднакво активен како солист и педагог, држи мајсторски курсеви и е член на повеќе меѓународнии жирија.Тој е шеф на катедрата за гудачки инструменти на Универзитетот на Источно Сараево, а предава и на Универзитетот „Слобомир“ и во музичкото училиште „Стево Мокрањац“ во Белград.
-Со виолината го пропатував целиот свет. Настапував во поранешните советски републики, Скандинавија, Германија, во цела Европа, потоа во Куба, Азија, но одлучив да останам на нашите простори кои навистина се најубави. Србија и Македонија, се најубавите земји на светот, додаде тој.
Пијанистката Јулијана Шуловиќ настапила на „Охридско лето“ многу одамна кога ги завршила студиите, но бидејќи секое лето престојува во Охрид, таа е дел од фестивалската публика и ужива во концертите на фестивалот.
-За мене „Охридско лето“ значи многу повеќе од културен настан зашто сум посебно врзана во Охрид и пораснав овде. Моите родители од многу одамна имаат стан во Охрид така што мене овде ме нарекуваат „охридска белграѓанка“, а во Белград пак, „белградска охриѓанка“. Ме исполнува духовноста на оваа црква која има неверојатна акустика и моќ, нагласи Шуловиќ.
Како изненадување на вечерта, на крајот од концертот со уметниците од Србија настапија и тројца млади виолинисти од Република Северна Македонија кои соработуваат со професорот Марковиќ, Маријана Лазаревиќ, Јаков Ангелов и Александар Војнески.