Дарко Костовски, пијано, Северна Македонија/Германија

Дарко Костовски е роден во 1978 година во Скопје и првите знаења од областа на пијаното ги добива од професорите Аида Ислам, Марија Писинова и Борис Романов во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“. На возраст од само 15 години, Костовски е примен како најмлад студент на Музичката академија во Келн во класата на проф. Арбо Валдма, каде се стекнува со највисок степен на образование и почести „Cum Lauda” како концертен пијанист во 2014 година. Се усовршува на мајсторски курсеви со Александар Лонквич, Павел Гилилов, Паоло Џакомети, Хенри Сигфридсон, Рита Кинка, Кемал Гекиќ, Евгени Корољов и Ѓерги Куртаг. Носител е на награди од повеќе меѓународни натпревари меѓу кои прва награда на натпреварот во Таранто (Италија), награда „Јамаха“ во Вајмар (Германија) и трета награда на натпреварот во Усти над Лабем (Чешка). Во текот на студиите е добитник на награда и признание за најдобар странски студент. Како солист Дарко Костовски концертира во многу земји вклучувајќи ги:  Франција, Австрија, Италија, Белгија, Естонија, Финска, Египет и Германија. Гостин е на бројни национални и интернационални фестивали како: „Клангбоген“ во Виена, „Охридско лето“, „Скопско лето“ , „Експо“, „Еурегио“ и „Бетовен фестивал Бон“ во Германија, а настапува и во филхармониските сали во Келн и во Бон, палатата Версај во Париз, домот на Франц Шуберт во Виена, поранешниот Бундестаг во Бон, операта во Каиро и на Експо2000 во Хановер. Настапува со оркестрите на Музичката младина на Македонија, Камерниот оркестар на МРТВ, Загребски солисти итн. Неговиот ентузијазам за камерна музика го преточува во камерното дуо „Дали“ заедно со виолинистката Лиза Марија Шуман. Остварува бројни снимки за МРТВ како и за Радио Берлин Бранденбург.