Инва Мула-сопран; Дешира Ахмети- сопран; Ѓорѓи Цуцковски- тенор; Генц Тукичи-пијано

Инва Мула-сопран   Инва Мула важи за една од најзначајните сопрани на денешницата. Родена во Тирана, започнува да учи пијано на пет годишна возраст, а пеење на 16 години, најпрво со нејзината мајка, а потоа и на Универзитетот за уметности во Тирана на кој и дипломира. Првата улога на сцената  и е Виолета во операта „Травијата“ која и ѝ  ги отвора вратите на операта во Тирана каде настапува во текот на следните 5 години. За овој период,  два пати победува на натпреварот „Тефта Ташко Кочо“, а во 1987 година е прогласена и за најдобар оперски пејач. Следат победите на натпреварот „Жорж Енеску“ во Романија,  и Гран при „Мадам Батерфлај“ во Барселона во 1992. Триумфира на првиот натпревар организиран од тенорот Пласидо Доминго во 1993 година, по што нејзината интернационална кариера ќе започне да се движи во нагорна линија со настапи во оперските куќи во Авињон, Лос Анџелес, Бон, Вашингтон, Лирската опера во Чикаго како и „Метрополитен“ операта во Њујорк каде настапува во продукцијата на операта „Боеми“.  Во 1997 година со голем успех настапува во „Риголето“ како Џилда заедно со Лео Нучи во операта во Марсеј, по што е поканета да настапи во истата улога на фестивалот во Арена ди Верона. По ентузијастичкиот прием на публиката, таа повеќе години се навраќа на овој престижен оперски фестивал изведувајќи ги улогите на Виолета, Џилда и Микаела во „Кармен“.  Во 1998 година по фантастичната соработка со Рикардо Мути во Миланската „Скала“, Инва Мула е поканета да ја пее насловната улога во „Травијата“ за отворањето на новиот оперски театар во Милано, по што следат нови улоги во „Скала“. Со голем успех настапува низ Италија и тоа во Трст, Торино, Сиена, Рим, и во Фиренца каде настапува под палката на маестро Зубин Мехта. За Инва Мула, улогата на Виолета во „Травијата“ претставува еден вид уметнички „потпис“, па така истата ја повторува во Виена, Лондон, Милано, Токио, Ница, Берлин, Париз, Мадрид итн.  Нејзини сценски партнери се некои од најпознатите тенори на нашето време како: Роберто Алања, Хозе Кура, Пласидо Доминго, Виторио Григоло, а соработува со диригенти како Мишел Пласон, Жорж Претр, Хесус Лопез Кобос, Владимир Спиваков, Зубин Мехта, Мјунг Вун Чунг. Значаен момент во нејзината кариера е инволвираноста во филмот „Петтиот елемент“ на Лук Бесон каде го позајмува гласот за Дивата „Сина Лагуна“. Овој проект и носи интернационална слава и надвор од кругот на строгите оперски фанови. Во ноември 2012 Инва Мула ја режира прославата, и настапува на одбележувањето на Денот на независноста на Албанија. Како дел од свеченоста од страна на Претседателот на Албанија  ѝ  е доделена највисоката почест „Почест на нацијата“ за нејзините достигнувања во уметноста. Кариерата на Инва Мула и денес продолжува со голем интензитет. Во изминатите сезони настапува во Виенската опера како Манон, таа е Неда во „Палјачи“ во Германската опера во Берлин, Сао Паоло и Билбао, Адина во „Љубовен напиток“ во Марсеј и Микаела во „Кармен“. Редовно е поканета да одржува семинари на академиите во Париз, во Гштад и Санкт Петербург. Во 2015 година Инва Мула дебитира како режисер  (а истовремено ја пее улогата на Неда) во продукцијата на „Палјачи“ на Тиранската опера. Големиот успех ќе и донесе нов ангажман во 2017 година кога во истиот театар ја режира операта „Ловци на бисери“. За нејзините уметнички достигнувања, во 2006 година доделено и е највисокото признание од Француската влада „Витез на уметноста“ Дешира Ахмети- сопран Родена во Дебар, Северна Македонија, Дешира Ахмети дипломира на Академијата за уметности во Тирана во 1998 година, а подоцна во 2012 година магистрира на Музичката академија во Скопје.  По студиите станува член на ансамблот на Макдонската опера и балет дебитирајќи на сцената со улогата на Микаела во операта „Кармен“ во 2005 година. Потоа следат повеќе водечки улоги на сцената како Памина во „Волшебната флејта“, Неда во „Палјачи“, Сантуца во „Кавалерија Рустикана“, Лиу во „Турандот“, Леонора во „Моќ на судбината“, Антонија во „Хофманови приказни“, додека пак во Албанската опера во Тирана ја исполнува улогата на Доника во операта „Скендербег“ од Пренк Јакова. Подеднакво активна на концертниот подиум Дешира Ахмети настапува  со рецитали  и на концерти со оркестар во Скопје, со Македонската филхармонија и оркестарот на операта под диригентсво на Александар Лековски. Во  Тирана настапува со Оркестарот на РТВ Албанија, а во Приштина со Косовската филхармонија. Настапува во Хамбург и Берлин, Сплит и Шибеник, Тел Авив, Равена и Њујорк. Со Инва Мула ја дели сцената во Тирана, Скопје и Њујорк во Градската куќа на Тајмс Сквер. Посетува мајсторски курсеви кај познатиот сопран Рајна Кабаиванска во Бугарија. Во 1999 година станува член на Албанската организација на уметници и музичари на Македонија и настапува на концерт на кој учествуваше и познатата глумица Ванеса Редгрејв. Во 2010 станува претседателка на асоцијацијата, позиција на која останува до денес. Ѓорѓи Цуцковски- тенор   Ѓорѓи Цуцковски дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а специјализира кај проф. Оливера Миљаковиќ во Виена. Магистрира соло пеење во класата на Борис Трајанов на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Репертоарот на Цуцковски ги вклучува улогите на Војводата од Мантова во „Риголето“, Рикардо во „Бал под маски“, Афред Жермон во „Травијата“, Форесто во „Атила“, Габриеле Адорно во „Симон Боканегра“, Родолфо во „Боеми“, Калаф во „Турандот“, Луиџи во „Плаштот“, Пинкертон во „Мадам Батерфлај“, Маурицио во „Адријана Лекуврер“, Дон Хозе во „Кармен“, Едгардо во „Лучија ди Ламермур“, Неморино во „Љубовен напиток“, Тамино во “Волшебната флејта“, Питер Квинт во „Свртување на шрафот“, Џуџето во „Џуџето“, Ајзенштајн во „Лилјакот“, Камил де Роси во „Веселата вдовица“, Тимотеј во „Лидија од Македонија“, Лебед во „Кармина бурана“ и др.  . Неговите меѓународни претставувања се на сцените во Италија во Козенца, Лече и Бриндизи, во Јапонија во операта во Осака каде што настапува како Алфред во „Травијата“, во Токио како солист во Симфонијата бр. 9 од Бетовен, во Националната опера во Белград, на оперскиот фестивал во Аспендос, Турција, како солист во Моцартовиот „Реквием“ со Софиската филхармонија. На различни оперски гала-концерти, Цуцковски настапува со Филхармонијата во Дубровник, со Сливенската филхармонија во Бугарија, во Џакарта како солист при гостувањето на оркестарот на Македонската опера и др. Во изминатите неколку сезони е чест гостин во оперските куќи во Италија- настапува на гала концерт на Фестивалот посветен на Белини во Античкиот театар во Таормина, настапува како Пинкертон на Фестивалот „Пучини“ во Торе дел Лаго, одржува солистички рецитал во Авелино, а ги пее тенорските улоги во „Набуко“ и „Мадам Батерфлај“ во Лече и Бриндизи. Во 2017 година со рецитал настапува во Шангај и е награден со златен медал на Фестивалот „Хшиан“ во Кина. Со рецитали се претставува во Њујорк, Виена и на фестивалот „Епидаурус“ во Хрватска. Меѓународно признато е неговото остварување во улогата на Маурицио во „Адријана Лекуврер“, ролја која ја пее во националните оперски куќи во Скопје, Софија и Белград наспроти светски познатите Даниела Деси, Цветелина Василева и Џована Касола. Цуцковски остварува гостувања во: Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Русија, Португалија, Германија, Швајцарија, Италија, Албанија, Австрија, Индонезија, Јапонија, Кина, Кореја, Хрватска и др. Цуцковски е првенец на Македонската опера, а предава пеење на ЕСРА-Интернационален универзитет за аудио-визуелни уметности во Скопје. Генц Тукичи-пијано Албанско-францускиот пијанист и композитор Генц Тукичи дипломира на Конзерваториумот во Тирана и на Школата за музика во Париз „Алфред Корто“ на која  предава и денес.  Интернационалната пијанистичка кариера го носи во некои од најпрестижните сали во светот,  а настапува и со бројни оркестри. За неговата исклучителна музикалност како и „интерпретации кои се подеднаково интелигентни како и емотивни“ ја добива наградата „Нино Рота“. Остварува снимки со оркестарот на операта во Тирана, оркестрите на Македонската опера, Рускиот оркестар „Чајковски“, оркестрите на РТВ Албанија и РТВ Словенија.  Редовно настапува со Инва Мула, а како композитор има напишано бројни дела за соло пијано, пијано и оркестар, како и неколку парафрази на оперски теми од Пучини, Верди и Офенбах. Во 2012 година го издава ЦД-то со авторски композиции инспирирано од патриотски песни за соло пијано и сопран заедно со Инва Мула со која ја компонира и оркестрира химната за Мајка Тереза.
https://www.kupikartizase.com/Events/inva_mula_2019