Театарска претстава „Крик за љубов“

„КРИК ЗА ЉУБОВ“ е „комедија на карактери“ натопена во љубовна приказна со романтичен крај. Текстот обработува две доминантни теми – театарот и љубовта. Имено, двајца актери, поранешни сопружници, ангажирани се во претстава да играат ликови на исто така двајца поранешни сопружници. Накратко, тоа е претстава за она што се случува пред претставата, односно за време на процесот на подготовка на една претстава, од распределбата на улогите, преку првата проба до  пробата со костими  и  премиерата. Имено, се врши едно прецизно скенирање на типичните ситуации и карактери во театарот, како што се: актерите, режисерот, продуцентот и другиот помошен персонал, во процесот на создавање на една претстава. При тоа се навлегува во суштината на феноменот наречен ТЕАТАР, т.е. колку театарот е живот, а колку пак животот е театар, постои ли граница помеѓу нив и како тие се  испреплетуваат и прелеваат еден во друг. На крај, се разбира, доаѓаме до чудотворното дејство на театарот врз реалниот живот. Љупчо Ѓоргиевски   Љупчо Ѓоргиевски, роден 1956 година во Битола, дипломирал во Скопје на Филозофскиот факултет– група психологија  и на Факултетот за драмски уметности – отсек театарска режија. Од 1990 работи во НУ Народен театар – Битола како режисер – драматург. Од 2002-2006г. беше директор на истиот театар. До сега има режирано преку 70 претстави во сите театри во Македонија, а режирал и во Бугарија, Русија (Санкт Петербург и Казањ) Турција, Романија, Косово и др. Поставува дела од светската класична и современа драма („Цар Едип”, „Медеја”, „Ромео и Јулуја”, „Мачката на вжештен лимен покрив”, „Столови” и др.) како и македонската  драма. Особен успех му донесоа поставките на т.н. македонска битова драма („Бегалака”, „Македонска крвава свадба” и „Парите се отепувачка”). Негови претстави учествувале на сите театарски фестивали во С. Македонија и на повеќе фестивали надвор од неа. Со свои претстави гостувал во:  Европа, Австралија, Канада и Америка. За својата работа режисерот Ѓоргиески е добитник на повеќе награди и признанија (Награда на градот  Битола  „ 4  Ноември”, шест награди  за најдобра режија, две награди за драматизација и четири награди за најдобра претстава на Фестивалот „Војдан Чернодрински” – Прилеп,  Гран-при во Москва, Белград, три награди на Фестивалот Античка драма – Стоби и др.)     Режија: Љупчо Ѓоргиевски Сценографија: Валентин Светозарев Костимографија: Андреј Ѓоргиевски Композитор:  Марјан Неќак   Улоги: Жижи Ортега: Адријана Тодороска Иго Мартиел: Никола Тодороски Леон: Ивица Цонев Силвестер: Горан Стојаноски   Претставата е наменета за целата публика Времетраење: 90 мин