„Ана Комнена“ вечерва на Охридско лето

Драмската програма на „Охридско лето“ продолжува вечерва со театарската претстава „Ана Комнена“ на Сашо Димовски, во изведба на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес.

Кога за протагонистката на својата пиеса ја избрал Ана Комнена, автентичната византиска принцеза од ХI/ХII век, Сашо Димоски не тргнал да пишува нешто што колоквијално би можело да се нарече „историска драма“, дури ни нешто што феноменолозите би го нарекле „драма на историјата“. Пишувајќи ја „Ана Комнена“, Димоски не ги театрализира само некои од фактите што ја создаваат биографијата на една нестандардна историска персона, туку го истражува и она што теоријата на рецепција го нарекува „хоризонт на очекување“: имено, начинот на кој гледачите го декодираат таканареченото театарско уметничко дело.

Тој преку протагонистката Ана Комнена го застапува и жестоко го брани своето елементарно женско право на силина. Во некои од своите прози, Димоски тоа го маркира како платформата на „третиот пол“.

Претставата „Ана Комнена“ е режисерска поставка на Ненад Витанов и на Васил Зафирчев, додека актерската екипа ја сочинуваат Кети Борисовска, Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Весна Димитровска Бобевски, Зорица П. Панчиќ, Жарко Спасовски, Александар Велјановски, Самоил Стојановски, Фаик Мефаилоски, Даријан Петров, Талија Настова, Андреј Серафимовски, Маја Љутков, Александар Ѓеоргиев, Кирил Гравчев, Марија Стефановска и Румена Шопова.

За изведбата на „Ана Комнена“ е резервирана сцената на Предворјето на црквата „Света Софија“, а почетокот е закажан за 21 часот.