„Дисонанс“ – врвно уметничко доживување за публиката на „Охридско лето“

Уште едно врвно уметничко доживување приреди фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер во црквата „Света Софија“ со концертот на словенечкиот гудачки квартет „Дисонанс“.

Извонредните музичари од овој музички состав, Јанез Подлесек-прва виолина, Матјаж Поровне-втора виолина, Оливер Диздаревиќ-виола и Клемен Хвала-виолончело, преку својата маестрална изведба донесоа програма што беше во знакот на повеќе јубилеи.

-Исто како и годинешното „Охридско лето“ што е јубилејно, и нашата програма со која настапивме е јубилејна. Целиот свет одбележува 250 години од раѓањето на големиот композитор Лудвиг ван Бетовен кој на некој начин е поврзан и со Љубљана. Имено пред 200 години кога првпат била отсвирена неговата Шеста Пасторална симфонија,  ја испратил партитурата и добил титула почесен член на Словенечката филхармонија. Ние овде го донесовме неговиот Гудачки квартет  бр. 11 во F-moll, рече виолончелистот Клемен Хвала.

Истата година кога е роден Бетовен, починал познатиот композитор Џузепе Тартини, па словенечките изведувачи вчеравечер ја изведоа неговата „Соната „A Quatro“ во D-dur.

Членовите на „Дисонанс“ оставија силен впечаток  кај публиката и со изведбата на „Италијанската серенада“ од композиторот Хуго Волф.

-Италијанската серенада“ е многу популарна италијанска композиција втемелена на италијанската мелодија која се свири на фифер, инструмент сличен на денешната обоа, откри Хвала.

На репертоарот беше и композицијата „Гудачки квартет“ од познатиот словенечки композитор Лојзе Лебич, кој прослави 85 години од раѓањето и кој, како што раскажа виолончелистот Клемен Хвала, кога слушнал дека неговото дело ќе го изведат во Охрид, се израдувал многу бидејќи бил учесник на фестивалот во самите негови зачетоци.

-Многу ни е драго што „Охридско лето“ прифати  на концертот да отсвириме и една современа композиција. Нашиот квартет ја промовира токму современата музика комбинирана со класичен репертоар. „Гудачки квартет“ е напишана  во 1983 година и е првата композиција  што ја изведовме како музички состав. По тој успешен концерт одлучивме да соработуваме и да настапуваме редовно, додаде Хвала.

Поради здравствените мерки што се преземаа насекаде, па и во Словенија, изминатиот период, гудачкиот квартет „Дисонанс“ го искористи за подготовка репертоар за новата сезона, снимање дела  со повеќе музичари, онлајн преку апликација, како и за основање на нов камерен ансамбл што ќе биде постојан оркестар на познатиот „Љубљана фестивал“.