ХУМАНИТАРНА ПОМОШ ЗА ОПШТА БОЛНИЦА ОХРИД ОД НУ „ОХРИДСКО ЛЕТО“

Националната установа „Охридско лето“ во знак на солидарност и хуман гест на Општата болница од Охрид и додели 95 000 денари, средства собрани од продажбата на влезници од хуманитарниот концерт „Танец и Ладо под ѕвездите“ кој се оддржа во рамките на годинешната фестивалска програма. Целта на хуманитарната помош е полесно справување во борбата против ковид-19 а средствата ќе бидат искористени за набавка на скафандери, маски и средства за хигиена.

„Во овие тешки времиња кога се соочуваме со најголемата здравствена криза секоја помош е неопходна. Изразуваме огромна благодарност до Охридско лето за ваквиот гест со кој покажаа дека здравствените работници не се оставени самите на себе во справувањето со коронавирусот. Во услови на пандемија сите заедно сплотени може да излеземе како победници. Пандемијата е голем предизвик за сите здравствени работници но секојдневната битка воопшто не е лесна. Ваквите моменти на хуманост ни даваат сила за успешно да одговориме на задачата“, вели директорот на Општа болница-Охрид д-р Горан Балевски.

Од НУ „Охридско лето“ велат дека одлуката да се реализира хуманитарен концерт е донесена уште при објавување на програмата со цел да се помогне здравството кое е најпогодено со ковид-пандемијата.

„Во време кога сите обединети се справуваме со пандемијата, во време кога здравствените работници се нашите херои одлучивме Концертот „Танец и Ладо под ѕвездите“ на Н.У. Ансамбл за народни игри и песни „Танец“, Македонија и Ансамбл на народни хрватски игри и песни ЛАДО, Хрватска кој беше на програмата на 28 јули на Античкиот театар да биде од хуманитарен карактер а средствата од влезниците да ги донираме во здравството. Со тоа покажеме дека сите сме заедно, сплотени, во борбата со коронавирусот но и огромна благодарност за се она што го прават медицинските лица“, вели директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.