УВЕРЛИВИ ИЗВЕДБИ ПОЛНИ СО ТОПЛИНА И МУЗИКАЛЕН ИЗРАЗ Кон концертот „Лирска вечер“ одржан на фестивалот „Охридско лето“

Диригент: Паскал Галоа

Солисти: Милена Арсовска – сопран, Гонца Богоромова  Краповски – сопран и Иван Наумовски – баритон

Фестивалски камерен оркестар

Последниот концерт во овогодишното фестивалско издание на „Охридско лето“ беше одржан во предворјето на црквата „Св. Софија“ како концертен простор кој во текот на децениското постоење на фестивалот  ги докажува одличните акустички услови во кои се одржаа мошне интересни концерти.

Покрај учеството на докажани музички имиња од странските концертни сцени и застапеноста  на македонските автори и уметници во програмската концепција на фестивалот представуваше особена радост за фестивалската публика.

Концертот одржан на 18 август, со наслов „Лирска вечер“ под диригентство на гостинот од Франција, диригентот Паскал  Галоа , Фестивалскиот камерен оркестар и нашите вокални солисти Милена Арсовска – сопран, Гонца Богоморова – сопран и Иван Наумовски – баритон, представуваше уметничко остварување со необично убава енергија.

Токму и реализацијата на овој концерт чиј идеен творец е нашиот истакнат композитор Панде Шахов, кој од 1998 година  живее и делува во Лондон и соработката со Паскал Галоа, представуваше заедничка дејност на формираниот камерен ансамбл од домашни уметници и вокални солисти и францускиот реномиран уметник, активен протагонист на париската музичка сцена, некогашен член на ансамблот „Интерконтемпорен“ и близок соработник на Пјер Булез (1925-2016) и Анри Дитије (1916-2013). едни од најзаначајните  француски композитори од втората половина  на 20-от век.

Токму и предпоставката дека мала екипа на талентирани музичари може да оствари сериозна придружба во рамките на еден оперски проект, а истовремено да овозможи целосна изведувачка мобилност беше оправдана со оствареното уметничко дејствување. Ангажирано и студиозно, членовите на Фестивалскиот камерен ансамбл во состав: Елена Стојческа – флејта, Игор Иванов – кларинет, Марко Виденовиќ – виола, Паскал Краповски – виолончело, Роман Петио – гитара, Влатко Нушев – удиралки и Благоја Антовски – удиралки, во изведбата на делата  остварија чист и хомоген звук. Впечатокот од настапот претставуваше потврда за можностите на овој  ансамбл како модел за  остварување на  понатамошни форми на соработка меѓу композиторите, вокалните солисти и инструменталистите со афинитет кон модерниот звук, а воедно и шанси за копродукциски врски во рамките на европската билатерална соработка и фестивалските мрежи.

Успешната реализација на убаво осмислената и необично интересната музичка програма беше составена од избрани композиции кои на изведувачите им овозможија да ги покажат сите свои способности.  Публиката со големо внимание ги  проследи седумте композиции  од циклусот „Народни песни“ на Лучиано Берио, композициите Прометеј и Серенада од Франц Шуберт, Гранада од Аугустин Лара, ариите на Микаела и Ескамиљо од операта „Кармен“ од Жорж Бизе, аријата на Маргарита од операта „Фауст“ на Шарл Гуно, како и делата Бдеење од Благој Цанев (на текст од Блаже Конески), Ако умрам.. ( од Зборникот на браќата Миладиновци) од Јана Андреевска и  Жива сум – арија и терцет од операта „Интернационална музичка револуција“ на Панде Шахов (на текст од Јордан Плевнеш). Аранжманот на поголем дел од представените композиции за Фестивалскиот камерен оркестар ги направи композиторот Панде Шахов. Инвентивната програмска концепција, содржински распределена  во три нивоа со интенција да донесе експресија од различни временски периоди и средини,  представуваше оригинален „музички лак“ кој обедини композиции во кои преовладуваа карактеристични етнички елементи, композиции и арии од железниот репертоар на вокалните солисти на концертните и оперските сцени и секако еден од најочекуваните моменти на концертот, светската премиера на делата од македонските композитори.

Сопранот  Милена Арсовска  ја претстави изведбата на македонската премиера  на седум композиции од циклусот „Народни песни“ од Л. Берио. Во нив, таа успеа да изгради интерпретација која беше мошне музикална и стилски доследна на  колажот од возбудливите аранжмани на народната музика од различни земји: САД, Франција, Италија, Ерменија, Азербејџан.

Со особена сугестивност  Милена Арсовска, навлезе во премиерната изведба на мошне впечатливата композиција  „Ако умрам…“ од композиторката Јана Андреевска. Особено осетливиот текст и освртот кон едно природно течение на нашето битисување, Јана Андреевска го представува со мошне суптилни и временско продолжени движења во структурата на композицијата. Содржински поставена во две етапи: патување и трансформација, создадена во единствен модус, со комбинирана композиторска техника составена на моменти од канонски елементи и парафраза од Бахов Корал, композицијата „дише“ со непрекината внатерешна динамика , пренесувајќи ги согледувањата за непрекинатото патување и метаморфоза на материјата и духот од една во друга форма.

Творбата „Ако умрам…“  пишувана на текст од Зборникот на браќата Миладиновци, создадена во текот на оваа година за реализацијата на овој проект и посветена на сопранот Милена Арсовска , представува  силен авторски печат во творечкиот опус на македонската композиторка Јана Андреевска.

Со одличните гласовни потенцијали, сигурната вокална техника, изедначеност во регистрите и развиен сценски шарм, баритонот Иван Наумовски ги изведе  копозициите  Прометеј, Сернада, Гранада и аријата на Ескамиљо од операта „Кармен“. Во нив, баритонот Иван Наумовски ја представи сета своја гласовна и техничка комплетност.

Сопранот Гонца Богоромова – Краповски со особена вокална култура и префинетост во изразот ги изведе ариите на Маргарита од операта „Фауст“ и Микаела од операта „Кармен“. Особено музикално култивирана и  истакната психолошка концентрација Богоромова – Краповски оствари во изведбата на композицијата Бдеење на еден од доајените во македонската музичка култура, композиторот Благој Цанев. Оваа композиција  создадена за глас и пијано во 1984 година, а пишувана на стихови од поетот Блаже. Коневски, на концертот премиерно ја проследивме во оркестрација  напишана за Фестивалскиот камерен оркестар, а  направена  од  композиторот Филип Иванов. Создадена во рамките на традиционалната триделна форма во смирено и бавно темпо на моменти разбиенo со енергични контрасти  на хармонски прогресии, динамички промени и елементи на речитативност, особено силен впечаток остави креацијата на траорниот карактер на оваа творба, која е една од сушествените во творештвото на композиторот Благој Цанев и во македонското музичко творештво.

На крајот на концертот ја проследивме премиерната изведба на Жива сум  – Арија и Терцет од операта „Интернационална музичка револуција“ од композиторот Панде Шахов, на текст од Јордан Плевнеш. Со содржина која временски е детерминирана во 19-от век, започната на нашава почва и развиена во други географски простори во светот, композицијата е музички обликувана во современа резонанца. Во изведбата на Аријата и Терцетот кои содржински се однесуваа за средбата на протагонистите со духот на мајката, во прекрасно лирско – медитативно расположение беше претставена мошне сетилна креација и градење на соодветна неоимпресионистичка атмосфера.

Сепак, сигурното раководство на ансамблот го оствари централната фигура на настанот – диригентот Паскал Галоа. Судејќи според начинот на интерпретацијата на музичките содржини на творбите, под неговото раководство, изведувачите се наметнаа како лирски раскажувачи, со уверливи изведби полни со топлина и пред се’ музикален израз на музичката содржина на делата. Воочливата добра соработка со ансамблот, диригентот Паскал Галоа ја оствари со големо внимание во обликувањето на фразите и  изразот на музичките дела, со изработен музички фон врз кој пластично се отсликаа изведбите на вокалните уметници. Но исто така треба да се подвлече дека изведбата на овие музички дела ги содржеа творечките искуства на диригентот, донесени со голема искреност и непосредност во изразот, како резултат на неговата долгогогодишна  дејност.

                                       Мирјана Павловска – Шулајковска