Концерт на ЗЏМ Биг Бенд Оркестар на Охридско лето

Во рамки на манифестацијата Охридско лето, вечерва на Долни Сарај со почеток од 20:30 часот, концерт ќе одржи ЗЏМ Биг Бенд Оркестар.

Биг Бендот кој повеќе од една година работи во рамки на Здружението на џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ Скопје, успеа да го привлече вниманието на публиката на џез музиката уште по првиот настап во декември 2016 година.  Овој состав имаше свое премиерно претставување во декември, 2016 година со концертот одржан во МОБ, под диригентство на австрискиот диригент Зиги Фајгл, по што следеа повеќе успешни настапи и концерти на Виенскиот бал во Скопје, Денови на македонската музика, манифестацијата Денес сѐ е џез.

Концертот во Долни Сарај ќе биде реализиран под диригентство на Емин Џијан.

Здружението на џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ – Скопје, преку своите активности и самата работа на ЗЏМ Биг Бендот, континуирано работи на афирмација и популаризација на македонската џез музика во земјата и надвор од неа како и подобрување на статусот на џез музиката во земјава.  Здружението работи на подобрување на музичката продукција, се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, за афирмирање на џез музиката преку организирање на џез фестивали и настани кои ќе помогнат во негување на џез културата во Македонија.

Во Здружението членуваат дел од најреномираните џез музичари од Македонија, студенти и професори на џез академиите во Скопје и Штип, како и слободни уметници, љубители и помагатели на овој вид уметност.