Прекрасна концертна вечер со италијанскиот виолинист Франческо Дорацио

Прекрасна концертна вечер во Света Софија приреди синоќа италијанскиот виолинист Франческо Дорацио за љубителите на класичната музика кои имаа ретка прилика да уживаат со звуците на одбраните соло партитури на Бах, Берио, Изаи, Чеса, Дал Онгаро.

Дорацио свири на виолина „Гварнери“ со име „Грофот од Кабриак“ изработена во 1811 година во Кремона, како и на вреден инструмент изработен од францускиот мајстор Жан Баптист Вијом во 1863 година.

Франческо Дорацио  е роден во Бари каде започнува да учи виолина со неговиот татко. Подоцна студира на академијата „Моцартеум“ во Салцбург, под менторство на Денес Зигмонди и на Академијата „Рубин“ во Тел Авив, во класата на Јаир Клес. Како солист настапува во Европа, САД, Јужна Америка, Австралија, Кина и Јапонија. Снима за издавачките куќи Дека, Хиперион, Опус 111/ Наив, Страдивари и Амадеус. Настапите го носат Франческо Дорацио на сцените на некои од најпрестижните светски концертни сали и аудиториуми, како миланската „Скала“, салата на Берлинската филхармоинја, Академијата „Санта Чечилија“, лондонските „Ројал Алберт хол“ и „Кадоган хол“, Центарот за барокна музика во Версај, како и на фестивалите во Буенос Аирес, Истанбул, Мито во Торино, Монпелје, фестивалите во Равена, Равело, Урбино, Салцбург, Стразбур, Стреса, Танглвуд и на Венециското биенале.

Репертоарот на Дорацио е огромен и вклучува дела од барокниот репертоар кои ги изведува со ансамблот за барокна музика „Астре“ од Торино, па сè до дела од романтичната и современа музичка литература. Неговиот особен афинитет кон современата музика го препознаваат повеќе композитори, па така тој премиерно изведува дела од некои од најзначајните композитори на денешницата, меѓу кои Брет Дин, Тери Рајли, Иван Феделе, Мајкл Ниман, Мишел дал Онгаро и многу други. Повеќе години соработува со Лучијано Берио чии дела често ги изведува премиерно и се дел од неговиот постојан репертоар. Франческо Дорацио настапува како солист со Лондонската филхармонија, симфонискиот оркестар на театарот „Ла Скала“, oркестарот на Би-би-си, оркестарот на Академијата „Санта Чечилија“, оркестарот на Мексико Сити, Шангајската филхармонија, симфонискиот оркестар на Берлин, Националниот оркестар на РАИ, oркестарот на градот Нагоја, под диригентските палки на Лорин Мазел, Лучијано Берио, Инго Мецмахер, Сакари Орамо и многу други. Во 2010 година, Италијанската асоцијација на музички критичари на Дорацио му ја доделува наградата „Премио Абиати“за солист на годината.