На „Охридско лето“ вечерва ќе се одигра театарска претстава „Јами Дистрикт – најстарата нација на светот“

Во рамки на драмската програма на „Охридско лето“ вечерва ќе се одигра театарска претстава „Јами Дистрикт – најстарата нација на светот“ од Милена Богавац, а во режија на Кокан Младеновиќ.

Ова дело на фесивалот го носат Тиватски центар за култура „Битеф театар“ – Белград, Тинк Танк Студио – Нови Сад и Фестивалот „Маск“ од Сегедин.

Во форма на лажен документарец, претставата се базира на измислен, но можен настан. Дејството се одвива во селото Јемен, на тромеѓето меѓу Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина каде научниците ја откриле најстарaта палеолитска населба во историјата на човештвото.Откритието е значајно бидејќи ги поместува научните сознанија за почетоците и развитокот на човечкиот вид стотици илјади години наназад.

Ова револуционерно откритие е од значење за целото човештво, но за него особено се интересираат Србите, Хрватите и Бошњаците бидејќи праисторискиот Јамен се наоѓа на територијата на сите три држави. Бидејќи секоја држава сака да го присоедини, започнуваат низа апсурдни теории за тоа кој народ е постар и на кого му припаѓа ова место. Теориите ги водат трите нации во војна, а во војната се вклучуваат и сите светски сили. Праисторискиот Јамен е уништен, а бројот на жртвите е поголем од 15000. Нација е последниот азил, но за неуспешни луѓе.

Кокан Младеновиќ е роден во 1970 год. во Ниш, Р.Србија Дипломирал на актерската висока школа во Ниш, во класата на Мима Вуковиќ Куриќ. Дипломирал на одделот за театар и радиорежија на Факултетот за драмски уметности во Белград во 1993 год., во класата на Мирослав Беровиќ и Никола Јевтиќ. Работел како уметнички директор во театарот „Дадов“, уметнички директор во Народниот театар во Сомбор, драмски директор на Народниот театар во Белград и директор на театарот „Ателје 212“ во Белград. За своето творештво ја примил наградата „Бојан Ступца“, како и други значајни награди на фестивали во Србија и Црна Гора.

Милена Богавац е автор, драматург, драмски режисер, поет и културен работник. Родена е во 1982 год. во Белград каде што дипломирала на одделот за драма при Факултетот за драмски уметности. Напишала околу 15 театарски претстави кои биле изведувани во бројни театри надвор од Србија. Ја добила наградата за драмско дело „Борислав Михајловиќ – Михиз“, наградата за извонреден успех на полето на уметноста „Јосип Кулунџиќ“, како и многу други награди.

Улогите ги играат Исидора Симијоновиќ, Нина Нешковиќ и Јелена Граовац. Музиката е на Марко Грубиќ, а костимографијата на Ивана Несторовиќ.

Претставата ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.