Спектакуларен почеток на „Охридско лето“ – Ванеса Меј ги обедини сите генерации

Со спектакуларен концерт на светски познатата виолинистка, Британката Ванеса Меј синоќа во преполниот Антички театар беше отворено 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“.

Прогласувајќи го за отворен,  претседателот на Република Северна Македонија и покровител на фестивалот,  Стево Пендаровски, истакна дека во наредните 40 дена ќе бидеме граѓани на уште една заедничка татковина во која, како што рече, има место за секого, и за ранливите, и за исклучените и за обесправените , и во која се зборува на универзален јазик .Таа татковина, подвлече претседателот, е уметноста, која постои од почетокот на човештвото и нејзините граници се исцртани од човековата креативност.

-Музиката на Ванеса е гласно сведоштво дека наместо да се исклучуваат, различните културни влијанија можат да се надополнуваат создавајќи поголема вредност. И можеби токму затоа, нејзината музика помирува и поврзува милиони луѓе од разни нации и генерации, рече претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски.

Претседателот Пендаровски нагласи дека уметноста треба да не’ инспирира на храбри потфати.

-Да развиваме култура што ќе го отсликува богатството на нашите различни традиции, тука, во Северна Македонија. Да негуваме длабока почит и одговорност за природата што ни е доверена на чување. Ова особено се однесува на незаменливото природно и културно наследство на регионот на Охридското Езеро. Мора да направиме сè што е во нашата моќ да го зачуваме статусот на Охрид како град на УНЕСКО. Да правиме простор за другите во самите нас и да се стремиме кон вистинско граѓанско помирување преку правда и простување. Градејќи едно општество за сите, да се сетиме дека ние си припаѓаме едни на други и заедно му припаѓаме на поширокиот европски културен и цивилизациски простор, порача претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, прогласувајќи за отворено го 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“.

Министерот за култура на Република Северна Македонија Хусни Исмаили во своето обраќање рече дека фестивалот „Охридско лето“  е најголемиот амбасадор на културата во нашата држава.

-И годинава еве нѐ овде во грандиозниот Антички театар каде што и пред  два милениума се ширела уметноста.  Денешните уметници исправени пред нови предизвици на современото време, гордо ги продолжуваат традициите, ги кршат табуата, ги надминуваат предрасудите, и на најуниверзалниот јазик на човештвото извикуваат – „уметноста е слобода“.„Охридско лето“, како најголем амбасадор на културата и уметноста на Северна Македонија во светот, покрај афирмацијата на светските вредности, дава силна поддршка и на домашната сцена која со секоја своја изведба потврдува дека е дел од европската перспектива на земјава и најсилното оружје кое лесно ги дофаќа европските височини, истакна министерот Исмаили.

Уметничката порака  на фестивалот „Охридско лето“ годинава ја испрати театарскиот и филмски режисер Александар Поповски кој своето обраќање го посвети и на неодамна починатиот драмски писател Горан Стефановски кој веќе е вграден во фестивалската историја.

– Не се живее вака. Милиони живеат во бункери. Sиркаат надвор низ нишан од снајпер. Нема живот ако човек мисли дека сите се против него. Дека светот е една голема завера. Во светот има и љубов и добрина и чесни луѓе. Ние мислиме дека ни е тешко. На сиот Свет му е тешко. На сите нешто им недостасува. Сите се чувствуваат опколени од непријатели.Југот не го сака север, исток – запад, Европа не ја сака Америка, Ирска -Англија, Прилепчани не се мирисаат со Битолчани, во ист град не се поднесуваат две маала, во едно маало- две згради, во една зграда закрвени се два влеза, во еден влез – два стана, во еден стан-две фамилии, во една фамилија двајца луѓе, а и тие двајцата се мрзат сами себе. Каде води тоа? Ако е така, нема спас. А без спас, нема живот. А без живот…нема ништо. Има смрт, рече Поповски.

Пред преполниот Антички театар, уметницата од светски калибар  ја покажа својата виртуозност и оригинален пристап на свирење на виолина  приреди фузија  од класика со џез и електроника, притоа, доближувајќи ја класичната музика  до пошироката публика. На свеченото отворање присусуствуваа претставници од државниот врв во земјава, министри, пратеници, амбасадори, како и огромен број домашна и публика од странство.