Сцена создадена преку творењето на музиката и театарот.  Место за настап на бројни  светски  уметници.  Потврда за високите културни вредности. Атракција, уникатност, возбуда …. Охридско лето,  единствениот фестивал  кој повеќе од половина век блеска со  магичен амбиент, останува длабоко во сеќавањата со посебна величина достојна за вистинските вредности.

Долги години амбиентот го создаваат културите  од  целиот свет надополнувајќи ја духовната  традиција  по која Охрид и Македонија се препознаваат.  Моќта и спојот на културите тука оставиле  длабоки траги во секоја пора на овој древен град , во секоја пора од ова, од  Бога создадено парче земја.

Годинава традицијата ја продолжуваме со уште едно возбудливо издание. Вистинско уживање за љубителите на уметноста во традиционалната рамка 12 јули – 20 август. Со голема одговорност, но и обврска максимално се вложуваме да бидеме добри домаќини на многу врвни уметници и докажани театарски куќи.  Како директор на  фестивалот кој ги вреднува највисоките уметнички вредности, убеден сум дека сме на вистинскиот пат кој води  до ѕвездите, пат кој е поплочен со врвна уметност, убавина, енергија, емоции…

Фестивалот „Охридско лето“ изминативе години се потврди како реномиран европски фестивал. Голема привилегија и чест е да се води установа која зад себе има 55 успешни фестивалски изданија испишани со најдобрите и најславните светски уметници.  Со огромна возбуда ќе создаваме уште многу успешни  приказни  исткаени со душата и длабочината на врвната музика и креативните  театарски изведби.

Со купување билет до поголем развој во културата. Ова е пораката што се испраќа со новата кампања на Охридско лето што од оваа година интензивно ќе се води се со цел да се зголеми процентот на продажба на влезните билети.

Публиката сака квалитет а за да се има светски познати уметници на сцена треба токму љубителите на уметноста да го испочитуваат нивниот настап. Нашата публика мора да почне да инвестира во сопствената култура. Мора да се има однос кон културата, велат од Охридско лето.
-Нашата цел е да го зголемиме процентот на продажба на влезните билети. Со купување на билет за настаните на Охридско лето се дава огромна подршка на културата и развојот на културните вредности. Со вакви заложби и во иднина ќе се промовира уметноста и културниот туризам и надвор од државата. Само на тој начин ќе го продолжиме градењето на културниот просперитет на државата, вели директорот на Охридско лето, Оливер Арсовски.
Од Фестивалот велат дека ваквата идеја е позитивно оценета од јавноста. Досега никој не одбил да купи билет. Платиле и оние кои по традиција добивале гратиси меѓу кои имало и стопанственици, директори, политичари. Странските туристи пак по традиција си купувале билети.

Светската атракција „Гласот на Јунан“ од Кина настапи во Центартот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Ансамблот од Пекингшката академија на традиционалната музика, приреди музички спектакл од највисок ранг.

Класичната кинеска музика пренесувана низ генерации беше дел од перформансот, која исто така восхитува со богатата фолклорна култура од различните региони на Кина.

– Кинеската музика може да се пофали со историја долга неколку илјади години во минатото, а токму провинцијата Јунан е позната по исклучително високиот степен на етничка разноликост. Тука припаѓаат најголемиот број етнички групи помеѓу провинциите на Кина. Од 56 официјално признати етнички групи на Кина, дури 25 се наоѓаат во Јунан – појаснија од „Охридско лето“ кои беа организатори на овој настан.