Неколкумина млади и исклучително талентирани музичари годинава ќе бидат дел од „Подиумот на млади уметници“ што се одржува од 9 до 11 јули како предвесник на фестивалот „Охридско лето“ .
Во катедралната црква „Света Софија“ вечерва од 19 часот ќе настапи српскиот пијанист Богдан Дугалиќ кој ќе изведе дела од Фредерик Шопен и Сергеј Прокофјев.
Пијанистот Дугалиќ во моментов студира во класата на проф. Павел Гилилов на Универзитетот „Моцартеум“ во Салцбург. Добитник е на бројни награди и признанија на меѓународни натпревари во Италија, Србија, Естонија, а од 2012 година соработува со познатиот пијанист и педагог Константин Богино.
Богдан Дугалиќ е еден од победниците на Музичката продукција на РТС „ Млади и успешни“ по што настапува со Симфонискиот оркестар на РТС изведувајќи го концертот за пијано и оркестар од Чајковски. Во 2018 е добитник на стипендија од асоцијацијата „Бартоломео Кристогори“ во Италија, а во 2019 година е стипендијант на академијата „Пероси“ во Италија каде има можност да работи со Д. Алексеев, Ф. Казанова и М. Видлунд. Настапува ширум Европа, во Германија, Австрија, Естонија како и во неговата родна земја Србија.
Идеен творец и организатор на „Подиумот на млади уметници“ е Музичката младина на Македонија.
Во рамките на „Подиумот на млади уметници“, утревечер во „Света Софија“ ќе настапат македонскиот пијанист Андреј Попоски, виолинистката Сара Јелдичкова од Чешка, како и либанско-чешкиот пијанист Камил Ел-Ахмадиех, а задутре во истото време концертниот подиум во црквата е резервиран за македонскиот камерен ансамбл „Нонет +“ кој ќе настапи под диригентската палка на Ангел Спироски.