Свежина и млад дух  донесе „Подиумот на млади уметници“ 

Изминатите три вечери како предвесник на фестивалот „Охридско лето“, во црквата „Света Софија“ се одржа „Подиумот на млади уметници“.

Идеен творец и организатор на овој проект е Музичката Младина на Македонија, а во негови рамки настапија младите уметници Богдан Дугалиќ од Србија, Андреј Поповски од Македонија, чешките млади музички надежи Камил Ел-Ахмадиех и Сара Једличкова, како и македонскиот камерен ансамбл „Нонет +“ под диригентската палка на Андреј Спироски.

Честа да го отвори „Подиумот на млади уметници“ ја имаше младиот пијанист од Република Србија, Бојан Дугалиќ кој е студент по пијано на  престижниот Универзитет „Моцартеум“ во Салцбург.

-Првпат настапувам на фестивалот „Охридско лето“ и воопшто, првпат доаѓам во Охрид. Многу сум изненаден од преубавиот град и езеро, како и од самата црква „Света Софија“. Моите  планови се да настапувам јавно колку што е можно повеќе, да учествувам на натпревари зашто тоа е единствениот начин да се гради кариера во нашиот свет, рече младиот Дугалиќ.

Во „Света Софија“ свое претставување пред публиката имаше и младиот Андреј Поповски кој е роден и живее во Данска. Поповски од минатата година посетува пред-конзерваториумска  настава за специјално талентирани млади музичари, а во два наврати  ја освојува и првата награда на натпреварот „Пијанисти на северот“.

-Честопати кога доѓам во лето во Охрид сум во редовите на публиката, но првпат сум на концертниот подиум. Ученик сум во гимназија, но паралелно посетувам и музичка настава, вели Поповски.

„Подиумот на млади уметници“ беше затворен вчеравечер со концерт на камерниот ансамбл „Нонет +“  под диригентската палка на Андреј Спироски.

-Огромна благодарност за „Охридско лето“ и Музичката Младина на Македонија зашто се примери за она што значи музика. По потекло сум од Струга и уште како дете, контактот со класичната музика ми бил токму преку „Охридско лето“. Развојот на младите сум го следел преку Музичката младина на Македонија. Да сум дел од тоа е голема чест и остварување на сон, вели диригентот Спироски.

„Подиумот на млади уметници“ “ е  востановен пред  повеќе од 50 години. Секоја година носи млади и исклучително талентирани уметници, од Република Северна Македонија, како и од  земји ширум целиот свет.