Охридскиот народен театар ја отвора драмската програма на 62-то „Охридско лето“

Охридскиот народен театар ја отвора драмската програма на 62-то „Охридско лето“

Драмската програма на годинешното 62 издание на фестивалот „Охридско лето“  ќе биде отворена со премиера на  театарската претстава „  „Секс, лаги  и љубомора“ од  Марк Камолети, во режија на Коле Ангеловски, а во изведба на Народниот театар Охрид.

Претставата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“  вечерва со почеток во 21 часот. Улогите ги играат актерите Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ –Тодороска, Елизабета Стефановска,Билјана Билаловиќ – Вељаноска и Марија Новак. 

-Ова е втор од проектите од драмската дејност на Центарот за култура „Григор Прличев“ и Народниот театар Охрид,  одобрени од страна на Министерството за култура. Претходно ја реализиравме  театарската претстава „Енергични луѓе“ од Александар Ивановски, а имаме уште една претстава, „Село на вампири“ од Ѓорѓи Ризески. Конкретно за претставата „Секс, лаги и љубомора“, ја работевме околу два месеца.Актерите  се во исчекување да ја одиграат, а верувам дека и публиката  ќе биде задоволна. Има голем интерес за вечерашната премиера и претставата по завршувањето на летниот период ќе биде ставена на редовниот репертоар на Народниот театар Охрид, вели директорот на Центарот за култура „Григор Прличев“, Горан Симоновски.

Дејствието се случува во зграда, во стан модерно наместен со прекрасен поглед на градот, со убаво креирана костимографија, современа и елегантна. Несуден диригент на оваа лакрдија е куќната помошничка, која е постојано на сцената и со многу импровизации се обидува да ги оправда нештата кои се случуваат околу неа. Ова е претстава за љубовта, прељубата, за вербата и надежта. За ведрата страна на животот, за оние мали искри во секој од нас.

Режисерот Коле Ангеловски е роден во Скопје 1943 година. Дипломирал Академија за филм и театар во Белград.Целиот свој работен век го поминал во Драмски театар Скопје.Има одиграно бројни театарски улоги на матичната сцена но повеќето главни улоги ги има одиграно во филмови и серии во поранешна Југославија.Како режисер во Македонија има режирано повеќе од 100 театарски претстави и е еден од најгледаните македонски режисери.