Прекрасна атмосфера вчеравечер приреди пијано-дуото АнАнтонио“ музицирајќи во црквата „Света Софија“.
Извонредните уметници Ана Јосимовска –Кањацо и Антонио Кањацо изразувајќи ја својата виртуозност на пијаното донесоа дела од А. С. Аренски, Брамс, Рахмањинов, како и композиција од македонскиот композитор Томислав Зографски.
-Првпат на „Охридско лето“ настапив пред 19 години сама, а овојпат настапувам во дуо со Антонио. Охрид е прекрасен. Фестивалската програма ја следам преку социјалните мрежи. Имам многу пријатели кои настапуваат на концертниот подиум на „Охридско лето“, изјави пијанистката Ана Јосимовска-Кањацо изразувајќи голема благодарност на поканата да биде дел од годинешната фестивалска програма.
Двајцата признати музичари со македонско и италијанско потекло живеат и творат во Љубљана, Словенија. Паралелно со концертната кариера, двајцата пијанисти предаваат во Валдорфското музичко училиште во Љубљана.
Нивниот репертоар опфаќа дела за соло пијано, пијано дует и за две пијана од Јохан Себастијан Бах до делата на Шчедрин и Куртаг. Како солисти и камерни музичари се добитници на многу награди од меѓународни натпревари и настапувале со Националаната филхармонија на Р.С. Македонија, Словенечката филхармонија, Оркестарот на музичката академија од Пескара, Младинскиот оркестар од Мартиненго, оркестарот на меѓународниот фестивал во Чиогија, на фестивалот „Охридско лето“, на „Коларац“ во Белград, во Народниот музеј во Софија, на „Камерфест“ во Приштина, во театарот „Паисиело“ во Лече, салата „Пјати“ во Бергамо, во театарот „Марчело“ во Рим, на Словенскиот конзерваториум во Париз, во „Готеанум “ во Дорнах, во „Мајкл Хол“ во Лондон, на Музичката академија во Осло…