Воодушевена публика и бурни овации за вчерашната претстава „Секс, лаги и љубомора“

Народниот театар Охрид вчеравечер ја отвори драмската програма на фестивалот „Охридско лето“  со премиерата „Секс, лаги и љубомора“ од Марк Камолети, во режија на Коле Ангеловски.

Професионалните актери Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ –Тодороска, Елизабета Стефановска,Билјана Билаловиќ – Вељаноска и Марија Новак покажаа извонредна игра и не го криеја задоволството што работеа со еден од најголемите и најгледани  македонски режисери, Коле Ангеловски.

Тие на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ донесоа претстава за љубовта, прељубата, за вербата и надежта, за ведрата страна на животот, за малите искри во секој човек.

-Чест и задоволство е да се работи со еден од корените на македонскиот театар и македонскиот филм, коренот којшто има име и презиме, Коле Ангеловски. Поминавме еден прекрасен процес  и можам да кажам дека воопшто не го ни почувствувавме како процес, како товар или оптоварување. Одлична адаптација на текстот направена од страна на Коле, истакна актерот Стрезо Стаматовски.

И актерот Никола Тодоровски потврди дека самиот процес на креирање на претставата не се ни почувствувал од страна на актерите бидејќи, како што кажа, соработувале токму со режисерот Ангеловски.

-Само што ќе се спомне името на овој режисер и актер, различни генерации на луѓе се свесни за кој тип на уметник станува збор. На наше задоволство, имавме чест да работиме со човек којшто има неверојатно искуство и се  надевам дека тоа се забележа и на премиерата. Можам да кажам дека ова беше еден од ретките процеси на создавање театарска претстава кој заврши дури пред време. Се надевам дека и натаму ќе имаме соработка со ваков тип режисери, рече актерот Никола Тодоровски.

Коле Ангеловски е еден од најплодните македонски режисери, а само на фестивалот „Охридско лето“ има режирано 27 театарски претстави досега.

-Публиката на претставата не престана да се смее и да аплаудира, сите беа среќни и задоволни, а за мене беше чест да работам со таков добар ансамбл како што е Охридскиот народен театар. Сите глумци беа одлични. Многу лесно ја создадовме претставата. Уште пред да дојдам, сите глумци го имаа прочитано текстот и веќе беа подготвени. За 15 дена ја направивме претставата, а потоа само се шегувавме и се смеевме, вели Ангеловски.

Театарската преставата „Секс, лаги и љубомора“  вчеравечер предизвика огромен интерес кај публиката, а како што најавуваат од Народниот театар Охрид, претставата наесен ќе се најде на нивниот редовен драмски репертоар.